ВРАБОТЕНИТЕ ВО ФЕНИ СО АПЛАУЗ ГО ПРЕЧЕКАА ДИРЕКТОРОТ НА ГСОЛ ПРЕД ВЕЛЕШКИОТ СУД

    ВРАБОТЕНИТЕ ВО ФЕНИ СО АПЛАУЗ ГО ПРЕЧЕКАА ДИРЕКТОРОТ НА ГСОЛ ПРЕД ВЕЛЕШКИОТ СУДДодека во судницата траеше рочиштето, стотина вработени од Фени надвор скандираа „бараме работа“, а при појавувањето на директорот на ГСОЛ Маркос, тој беше пречекан со аплаузи и повици „Фени, Фени“. (Фото: СДК.МК)

    Понудениот план за реорганизација, со кој компанијата ГСОЛ треба да го преземе АД Фени во стечај е вратен на доработка. Конечната одлука ќе се знае на 5 јули. Една од забелешките на стечајниот управник Мирослав Атанасиевски беше финансиска програма за работа во следните пет години, или колку и што планира новиот сопственик во комбинатот да инвестира. Ова денес се случуваше на Собранието на доверители на АД Фени во стечај, кое траеше три часа во Основен суд Велес.

    „Го претставивме планот, кој значи обезбедување на иднина на компанијата, нејзино работење без застој, натамошен ангажман на сите вработени, идни инвестиции што е во интерес на државата. Подолго, време сме заинтересирани за Фени и во добри и во лоши времиња. Ја вративме довербата и сигурноста на луѓето, ги исплативме сите вработени, повеќето од транспортерите и доверителите“, изјави Маркос Камхис, директор на ГСОЛ.

    Тој кажа дека досега вложиле околу 60 милиони евра во комбинатот, што за откуп на побарувања, што за плати на вработени и за одвивање на производството. Остануваат уште 27 доверители за исплата, на кои според планот за реорганизација ќе им бидат исплатени и побарувањата во висина од 15 отсто. Меѓу нив е и фирмата Еуро никел, која заедно со ГСОЛ треба да го преземат Фени. Со планот за реорганизација од комбинатот се планира да се основаат два нови правни субјекти, еден целосно нов кој треба да започне од нула во работата и вториот да продолжи со наплата на побарувањата. Со денешното Собрание не беа задоволни неколку доверители, кои имаат мал процент на право на одлучување.

    „Денешното рочиште на Собрание на доверители е презакажано, а на предлагачот му е дадена можност да направи корекции на предложениот план што е надвор од сите законски рамки и не постои во Законот за стечај. Во однос на обесштетувањето на доверителите, кое беше по пат на јавен повик, откупот беше привилегиран за едни кои добија реални суми а други не добија ништо и сега чекаа 15 отсто“, изјави адвокат Дејан Кнезовиќ застапник на Енекод.

    И додека во судницата траеше рочиштето, стотина вработени од Фени надвор скандираа „бараме работа“, а при појавувањето на директорот на ГСОЛ Маркос, тој беше пречекан со аплаузи и повици „Фени, Фени“. ГСОЛ и Еуро Никел поседуваат 91%, или 57 односно 34 отсто од правото на глас на Собранието на доверители.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира