ВРАБОТЕНИТЕ ВО КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР ЈА БЛОКИРАА НАПЛАТНАТА РАМПА ЗА ПАРКИНГОТ

    ВРАБОТЕНИТЕ ВО КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР ЈА БЛОКИРАА НАПЛАТНАТА РАМПА ЗА ПАРКИНГОТВработените во Клиничкиот ценар најавија дека од утре блокадата на наплатната рампа ќе биде половина час, колку што трае нивната пауза (Фото: СДК.МК)

    Вработените во Клиничкиот центар утрово пет минути ја блокираа наплатната рампа кај хелиодромот, во знак на протест против одлуката на Град Скопје да им го зголеми месечниот билет од 300 на 800 денари. Тие најавија дека од утре блокадата на наплатната рампа ќе биде половина час, колку што трае нивната пауза.

    „Ова е трет ден од протестот, им се извинуваме на пациентите, бидејќи ова не е насочено против нив. Се надеваме дека Градот ќе се откаже од профитот во овој половина час додека протестираме во интерес на пациентите, да ги крене рампите за излез. Освен што бараме укинување на одлуката, бараме и Градот да го врати паркингот во владение на Клиничкиот центар”, рече Горан Беговиќ, претседател на Самостојниот синдикат на Клиничкиот центар.

    Тој рече дека освен за паркингот, сега бараат и итна средба со Министерство за здравство во делот околу зголемување на платите, бидејќи не се слагаст со најавеното зголемување од 10 отсто за лекарите и 5 отсто за медицинските лица.

    „Револтирани сме од однесувањето на градскиот татко, кој преку медиумите ни порача дека ако може да го управуваме ќе ни го вратат во владение паркингот. Бараме разговори”, рече Беговиќ.

    По предлог на градоначалникот Петре Шилегов се укинува повластената цена за паркирање од 300 денари која со години ја имале вработените на Клинички и се воведува цена од 800 денари како за сите правни лица кои користат месечни карти на паркинзите на ЈП „Градски паркинг“. Шилегов на 10 декември рече дека на овој паркинг има издадено 1.500 месечни билети за вработени, а има 670 паркинг места.

    Министерот за здравство Венко Филипче рече дека во телефонски разговор со градоначалникот Шилегов договориле наредните два до три дена да се разгледаат правните можности за враќање на паркингот на Клинички центар.

    „За решавање на проблемот со паркирањето сакаме да изградиме две монтажни катни гаражи, едната кај Гинекологија, а другата на делот кај хелиодромот. Во тек е ревизијата на физибилити студијата за гаража кај хелиодромот што ја наследивме“, рече Филипче.

    Тој кажа дека годинава толку можеле да ги зголемат платите и на докторите и на медицинските сестри, зголемени се надоместоците за дежурства, а дека ново зголемување ќе има и следната година.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира