Долгогодишната борба на жителите на Вратница, Старе Село и Орашје против изградба на минихидроцентрала на Вратничка Река однесе и една жртва. Минатата година на 18 ноември, дојавата дека инвеститорот донел механизација за почеток на градбата ги алармираше жителите на овие три села и тие уште во утринските часови поставија барикади на патот кој води до местото на градење. Во таа напната и крајно стресна ситуација, на 64-годишниот Душко Златевски му се слоши и почина на самата барикада.
Жителите на Вратница, Старе Село и Орашје сега подигнаа спомен-обележје во чест на нивниот соборец.
„Од 2013 до 2019, жителите и иселениците од овој крај решително се спротивставија на изградбата на хидроцентрали на Вратничка Река. Во таа борба згасна животот на Душко Златевски-Шаро, за да може Раќита да тече и кога е мирна и бистра и кога е матна и бујан. Твојот пример нека служи како патоказ за идните генерации. Не беше залудно“, стои на спомен-плочата.
Спомен-обележјето е изградено со прилози од месните заедници од овие три села и од иселениците од САД.
Жителите на Вратница, Старе Село и Орашје велат дека нивната борба продолжува бидејќи се уверени дека еден таков објект ќе нанесе огромна штета и трајно уништување на природата и водните ресурси во нивниот крај.
З. АНДОНОВ