И утрово на улиците во Скопје нема автобуси од јавниот превоз. Нафта за автобусите не стаса синоќа ни утрово, па автобусите останаа паркирани во базите во Автокоманда и Ѓорче Петров.
На автобуските станици граѓани чекаа автобус, бидејќи немаат друг начин како да стасаат на работа. Но, возила нема.
Автобусите на ЈСП престанаа да возат од вчера попладне откако немаа од каде да наточат нафта. Вработените велат дека „Пуцко Петрол“ не им носи гориво оти ЈСП Скопје има долг кон фирмата.
Возат само 25 од 33-те автобуси на гас на МАН, кои беа купени во мандатот на екградоначалникот Петре Шилегов. Тие метан полнат на бензинските пумпи на „Макпетрол“.
Претседателот на Советот, Трајко Славески за денеска во 18 часот Советот на Град Скопје свика итна вонредна седница поради состојбата со јавниот градски превоз.
„Советот во рамките на своите надлежности е подготвен низ конструктивна расправа да усвои заклучоци со кои ќе побара од надлежните, пред сѐ од градоначалникот Арсовска и директорите итно да го нормализираат јавниот превоз во Скопје и да го подигнат нивото на хигиена“, објави претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески од ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ го има мнозинството во Советот на Град Скопје.
Советничката група на СДСМ и коалицијата соопшти дека на седницата ќе предложи конкретни мерки и очекува да ги поддржат сите советници.
За утре во 13.30 часот пред канцеларијата на Арсовска е најавен протест на жителите на Шуто Оризари кои подолго време немаат никаков јавен превоз и над 25.000 луѓе се целосно се отсечени од градот.
Од кабинетот на градоначалничката Данела Арсовска вчера соопштија дека ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски се виновни за тоа што Скопје е без јавен превоз.
„Кадарот на шефот на ВМРО-ДПМНЕ во Бирото за јавни набавки Маре Богева, креира криза во ЈСП за гориво, со тоа што за прв пат од постоењето на претпријатието ја поништи редовната јавна набавка за гориво во ЈСП како смислено сценарио”, соопштија од Градот.
Откако Арсовска е на градоначалничката функција јавниот превоз во Скопје е во колапс и не функционира. Нема редовно автобуси, се чека по еден час на станиците, а кога ќе дојде автобусот е преполн со патници.
Данела Арсовска стана градоначалничка на Скопје како кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ со ветувањето за бесплатен превоз за сите граѓани и набавка на нови 250 еколошки автобуси.
А. АНТЕВСКА