ЗА 10 ДЕНА ВО СТРУШКО ПОДМЕТНАТИ ДВА ГОЛЕМИ ПОЖАРИ КОИ УНИШТИЈА ОГРОМНИ ПОВРШИНИ ЕЗЕРСКА ТРСКА, ЕКОЛОГИСТИТЕ БАРААТ ДА СЕ СПРЕЧИ ЕКО ГЕНОЦИДОТ

    ЗА 10 ДЕНА ВО СТРУШКО ПОДМЕТНАТИ ДВА ГОЛЕМИ ПОЖАРИ КОИ УНИШТИЈА ОГРОМНИ ПОВРШИНИ ЕЗЕРСКА ТРСКА, ЕКОЛОГИСТИТЕ БАРААТ ДА СЕ СПРЕЧИ ЕКО ГЕНОЦИДОТСо години, езерската трска се пали пред почетокот на сезоната поради личен профит на поединци кои на тие места градат плажи и го узурпираат просторот. (Фото: Принтскрин од видео)

    Во голем пожар вчера во месноста Калишко Поле кај Струга изгоре речиси околу еден хектар езерска трска. Струшката противпожарна единица интервенирала со три пожарни кои спречија понатамошно ширење на пожарот. Засега сторителите се непознати, а штетата, според екологистите, е непроценлива. Алармираат со години да се спречи ваквото вандалско однесување, а надлежните велат трагаат по сторителите.

    Според екологистот Борис Џајкоски, со палење и сечење на трската и тампонирање на езерото се врши целосен еколошки геноцид. Се уништуваат мрестилиштата на краповидните риби, а птиците исчезнуваат напуштајќи ги разурнатите спалени гнезда.

    „Со палење на трската прво се прави штета генерално врз целиот животински свет што е во тој предел, затоа што тука се мрестат рибите, птиците имаат свои гнезда“, вели Џајкоски.

    Ова не е првпат во Струшко пламени јазици да проголтаат огромни површини трска. Последната деградација на езерскиот брег беше пред само 10-тина дена. Државниот инспекторат за животна средина тогаш излезе на терен, врз основа на обезбедите докази поднесе кривична пријава против лице од Велешта што ангажирало градежна механизација за насипување на дел од крајбрежјето со шут и земја на локација кај опожарената трска.

    Со години, езерската трска се пали пред почетокот на сезоната поради личен профит на поединци кои на тие места градат плажи и го узурпираат просторот. Кривичниот законик за недозволена крајбрежна трансформација и уништување предвидува и затворска казна од три месеци до три години.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира