ЗА 100 ГОДИНИ ПРИРОДОНАУЧЕН МУЗЕЈ НА МАКЕДОНИЈА ЗАСАДЕНИ СТО ДРВЈА ОКОЛУ ЕЗЕРОТО МЛАДОСТ

    ЗА 100 ГОДИНИ ПРИРОДОНАУЧЕН МУЗЕЈ НА МАКЕДОНИЈА ЗАСАДЕНИ СТО ДРВЈА ОКОЛУ ЕЗЕРОТО МЛАДОСТНа садењето учествуваа и ученици од средното училиште „Коле Неделковски“ од Велес, членови на велешкиот Извиднички одред „Димитар Влахов“, вработени во велешкиот Народен музеј, како и локални волонтери. (Фото: СДК.МК)

    На Денот на планетата Земја, 22 Април, вработените од Природонаучниот музеј на Македонија од Скопје имаа акција за пошумување на околината на Езерото Младост крај Велес, именувана „100 садници за 100 години Природонаучен музеј“.

    „Садниците што ги садиме се јавор и јасен, автохтони видови, што значи дека природно растат на ова подрачје. Тие се прилагодени на локалната клима и почва, бараат помалку одржување и имаат многу поголеми шанси да опстанат и да се развијат“, рече Ивана Здравевска, едукаторка-приправник.

    Природонаучниот музеј на Македонија годинава одбележува 100 години од основањето. Во текот на еден век континуирано работење, Музејот има значајна улога во колекционирање, истражување, презентација и заштита на природното богатство на државата, како и во развојот на научната и едукативната дејност.

    „Денес не сме тука само да засадиме садници, туку да направиме мал, но значаен чекор кон заштита на планетата Земја“, додаде Здравевска.

    На садењето учествуваа и ученици од средното училиште „Коле Неделковски“ од Велес, членови на велешкиот Извиднички одред „Димитар Влахов“, вработени во велешкиот Народен музеј, како и локални волонтери.

    Акцијата се реализираше со поддршка на Јавното претпријатие „Национални шуми“ кое го подготви теренот за садење, а садниците се обезебдени со спонзорство од Агроиндустриската групација АГРИА.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира