За пет денари ќе поскапе паркирањето на паркинзите со кои стопанисува Јавното претпријатие „Градски паркинг“ во Скопје. Според новиот ценовник кој треба да биде одобрен на седницата на Советот на Град Скопје која ќе се одржи в среда, нови цени се предлагаат за зонските паркиралишта и на отворените со рампа, како и за месечните карти за вработени во катните гаражи.
Еден час паркирање во зона А наместо 45 ќе биде 50 денари, во зона Б наместо 35 ќе биде 40 денари, додека во зоните Ц и Д каде досега еден час чинеше 25 сега ќе биде 30 денари.
Нова цена ќе има и за месечните паркинг карти во катните гаражи за вработени и фирми кои гравитираат околу паркингот. Наместо 1.о00 цената се предлага цената да биде 2.000 денари.
„Причина за зголемување на цената за паркирање е поради зголемените трошоци за одржување на јавните паркинзи и катните гаражи со кои стопанисува претпријатието. Зголемени се трошоците за вода, струја, одржување на лифтовите и опремата инсталирана на паркиралиштата“, се вели во образложението на ЈП „Градски паркинг“.
А. АНТЕВСКА