ЗА 75 ОТСТО Е НАМАЛЕНА СМРТНОСТА НА МАЈКИТЕ И БЕБИЊАТА ЗА 10 ГОДИНИ СО ПРОЕКТОТ ОД 3,5 МИЛИОНИ ДОЛАРИ НА ГЕРМАНСКИ ДОНАТОРИ 

    ЗА 75 ОТСТО Е НАМАЛЕНА СМРТНОСТА НА МАЈКИТЕ И БЕБИЊАТА ЗА 10 ГОДИНИ СО ПРОЕКТОТ ОД 3,5 МИЛИОНИ ДОЛАРИ НА ГЕРМАНСКИ ДОНАТОРИ Денеска беше донирана опрема вредна пола милион долари во болниците во Велес, Гостивар, Струмица и Струга. (Фото: СДК.МК)

    Акушерско-гинеколошкото одделение на Општата болница во Велес доби донација од 150 илјади долари, обезбедена од подпроектот Перимак-перинатално здравје, во соработка со повеќе германски фирми и амбасадата на Германија во Македонија. Ова е дел од проектот „Здравствени можности за луѓето насекаде“ (Health Opportunities for People Everywhere – HOPE)
    „Проектот ‘Здравствени можности за луѓето насекаде’ се реализира во Македонија десет години, кај мајките и децата. Почнавме во Скопје, продолживме регионално, еве сега се прошируваме и во Велес. Обезбедуваме соодветна здравствена опрема за да ја постигнеме нашата цел. Со задоволство можеме да кажеме дека за овие десет години, со заедничка работа ја намаливме смртноста кај овие групи, мајки и бебиња, за 75 отсто“, рече Питер Сизе, потпретседател на проектот.

    Денес беа донирани ехо-апарати, инкубатори, вормери, монитори за пациенти и новороденчиња, ЦТГ апарати, инфузиони пумпи, родилни кревети, апаратура за фототерапија и друга медицинска опрема, обезбедена како резултат на долгорочното партнерство во подпроектот Перимак, наменета за болниците во Велес, Гостивар, Струмица и Струга. Донацијата во гостиварската болница е вредна 130 илјади долари. А за сите четири вредноста е половина милион долари.

    „За нас е важно да имаме добра опрема и обучен, квалитетен кадар. Тоа е основен столб. Така се подобрува квалитетот на здрвствената услуга, посебно во вакви регионални центри“, рече заменикот-министер за здравство Јовица Андовски.

    Преку соработка со германаските партнери досега е обезбедена медицинска опрема во вредност над 3,5 милиони долари, обучени се илјади здравствени работници. Сизе вели дека сумата не е важна, важни се постигнатите резултати.

    „Не станува збор за пари, сума, туку се што е вложено за подобрување на животот на мајките и децата. Не е важно колку пари сте вложиле, туку кој е резултатот од инвестицијата“, рече Сизе.

    „На овој начин непосредно им се помага на луѓето, на мајките и децата. Преку оваа опрема и тоа што се работи, се подобруваат работните услови за медицинскиот персонал, за тие да останат тука и бидат ефективни“, амбасдорката на Германија во Македонија кажа Петра Дрекслер.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира