Поминаа пет години од кога почна да се гради покриениот базен во Битола, а уште не е готов, ниту се знае кога ќе биде изграден. Базенот за кој во неколку наврати пишуваше САКАМДАКАЖАМ.МК почна да се гради за време на владеењето на СДСМ, пред неполни пет години во дворот на училиштето „Даме Груев“, како дел од проектот за изградба на 14 пливачки базени на Агенцијата за млади и спорт. Тогашниот директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски, рече дека рокот на изведба е 18 месеци, но според изведувачите можно е да биде готов на крајот на 2020 или на почетокот на 2021 година. Тој кажа дека ќе чини 43 милиони денари.
Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) кој е дел од партнерските организации вклучени во Антикорупцискиот караван финансиран од УСАИД, направи студија за базенот во Битола, откривајќи дека за изградените 45 проценти од работите, платени се 74 проценти од парите. Првично цената за изградба изнесувала 705.000 евра, а сега е 815.000 поради растот на цените на пазарот.
Во студијата пишува дека во објектот работеле фирми како подизведувачи за кои не била информирана дури ни фирмата која го спроведувала надзорот на градбата. Во тек е четвртиот рок направен со склучување анекси кон договорот , според кој, градбата треба да заврши до 30 декември 2024 година, но таа е стопирана зашто истечен е договорот со фирмата за надзор. Сега Министерството за спорт ќе врши ревизија и врз овој проект.
Базенот требаше да биде со димензии 25 метри должина и 9 метри широчина и да ги исполнува сите пропишани услови за одржување на домашни и меѓународни натпревари. Базенот не се изгради, а материјалите остаана расфрлени во школскиот двор.
Во меѓувреме недоградениот базен стана и дел од првоаприлските шеги на учениците од училиштето каде што требаше да се изгради. Тие годинава на Денот на шегата се појавија во макета од базен импровизирајќи пливање.
Ж. ЗДРАВКОВСКА