Градоначалникот на Општина Новаци Љубе Кузманоски смета дека нема реални изгледи за топлификација на Битола со топлинска енергија од комбинатот РЕК. Тој вели дека за да се топлифицира Битола ќе треба еден од трите блокови на РЕК да не произведува струја, што е проблематично во услови кога земјата кубури со производство на електрична енергија. Кузманоски е градоначалник на Новаци, општина на чија територија е РЕК, а пред да стане градоначалник работеше во комбинатот, па познати му се состојбите.
„Зошто не може да се топлифицира Битола или подалеку? Затоа што од Битола до РЕК има 12 километри. И мое мислење е дека за да се загрева Битола треба од РЕК еден блок да не проиведува струја, туку да произведува само топлинска енергија. Во овие моменти кога државата кубури со производство на електрична енергија, кога се очекува 70 проценти производство на струјата да даде РЕК за потребите на Македонија, мислам дека нема никој да си дозволи еден блок да се исклучи од мрежа заради топлификација на Битола“, вели Кузманоски.
Според него, реални се изгледите да се топлифицира само општина Новаци поради близината на два километри од РЕК.
„Сметам дека со нормално производство на електрична енергија на трите блокови, Новаци поради близината може да се загрева со топлинската енергија. По празниците почнуваме преговори прво со ЕЛЕМ, а потоа да обезбедиме техничка документација колку ќе биде финансиската конструкција “, рече Кузманоски.
Претходната власт десет години најавуваше дека ќе ја топлифицира Битола. Тоа беше ветување со кое на секои избори и парламентарни и локални собираа гласови. Во комбинатот изведоа и реконструкција на турбините на два термоблока за регулираното одземање на пареата, но инфраструктура не се извади надвор од комбинатот.
Новата локална власт во Битола вети гасификација, а годинава се издвоени и 15 милиони денари за почнување на проектот.
Ж. ЗДРАВКОВСКА