ЗА ДВЕ НЕДЕЛИ ДВОЈНО Е ЗГОЛЕМЕН БРОЈОТ НА КОВИД ПАЦИЕНТИ ВО ТЕТОВО, МОДУЛАРНАТА БОЛНИЦА УШТЕ НЕ Е ВО УПОТРЕБА

    ЗА ДВЕ НЕДЕЛИ ДВОЈНО Е ЗГОЛЕМЕН БРОЈОТ НА КОВИД ПАЦИЕНТИ ВО ТЕТОВО, МОДУЛАРНАТА БОЛНИЦА УШТЕ НЕ Е ВО УПОТРЕБАВо Клиничката болница во Тетово има уште 12 слободни кревети (Фото: СДК.МК)

    Бројот на заболени од ковид-19 забрзано се зголемува и во Тетовско и за две недели има двојно повеќе хоспитализирани. Во тетовската Клиничка болница засега има доволно кревети за да се примат сите заболени, а ако се зголеми нивниот број, можно е за кратко време да се оспособат и други одделенија во болницата.

    „Овие две-три недели имавме речиси удвојување на бројот на пациенти со ковид-19. Моментално, на болничко лекување се 48 лица. Тие се на возраст од 44 до 85 години, скоро сите се во тешка здравствена состојба и се на кислородна поддршка. Како што кажуваат епидемиолозите, пикот нѐ чека некаде после 20 април и тоа ни кажува дека наредниве денови ќе имаме уште поголем број пациенти. Во овој момент во Клиничката болница во Тетово има 12 слободни кревети, но ако се јави потреба, за кратко време можеме да отстапиме и други одделенија за ковид пациенти, но тогаш потешкотија ќе ни биде обезбедување на доволно медицински кадар. Уште еднаш апелираме за доследно почитување на мерките за заштита, бидејќи сѐ уште има случаи кога заболени со ковид-19 ги кријат контактите кои ги имале за тие да не бидат ставени во изолација“, изјави Гзим Нуредини, раководител на Ковид центарот.

    Иако сѐ уште нема официјално известување дека британскиот сој е присутен, од Ковид центарот во Тетово велат дека според клиничката слика која се јавува кај пациентите се гледа дека станува збор за овој сој. Во кругот на Клиничката болница изградена е и модуларна ковид болница, но таа сѐ уште не е предадена во употреба, бидејќи не биле инсталирани централен систем за кислород и електрична инсталација.

    З. АНДОНОВ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира