ЗА ПОМАЛ СООБРАЌАЕН ЗАСТОЈ ОПШТИНА БИТОЛА ДОЗВОЛИ И НОЌЕ ДА ВРВАТ ВОЗИЛА НИЗ КРСТОСНИЦА НА ШИРОК СОКАК КАДЕ И ДЕЊЕ ОДВАЈ СЕ МИНУВА

    ЗА ПОМАЛ СООБРАЌАЕН ЗАСТОЈ ОПШТИНА БИТОЛА ДОЗВОЛИ И НОЌЕ ДА ВРВАТ ВОЗИЛА НИЗ КРСТОСНИЦА НА ШИРОК СОКАК КАДЕ И ДЕЊЕ ОДВАЈ СЕ МИНУВАГрадоначалниот Коњановски побарал изготвување проект за поставување семафори кај хотел „Епинал“ и Камен Мост. (Фото: СДК.МК)

    На барање на Општина Битола, за да се намали сообраќајниот застој во услови кога има инфраструтурни интервенции врз улици и се гради топловодот, Советот на вонредна седница отповика одлука донесена пред 25 години за промена на сообраќајниот режим на дел од Широк Сокак. Се дозволи во ноќно време, од 19 до 24 часот, да минуваат возила низ пешачката зона на крстосницата на улиците Широк Сокак и Димитар Илиевски-Мурато, каде и преку ден кога е дозволен сообраќај се создава тесно грло поради френквенцијата на движење и непостоењето семафор, па возилата застануваат за да мине секој пешак.

    Иако Советот едногласно ја донесе одлуката, дел од советниците укажаа дека не очекуваат да го реши сообраќајниот хаос. Претседателката Габриела Илиевска од независната граѓанска иницијатива Поинаку, рече дека ова е само мачкање очи зашто таму има многу пешаци навечер, а е на чекор од паркингот на плоштадот Гоце Делчев каде градоначалникот пред три дена најави дека ќе прави пешачка зона.

    Градоначалникот Тони Коњановски преку социјалните мрежи соопшти дека сообраќајните решенија се за поголема безбедност на граѓаните, дека побарал позачестено присуство на сообраќајна полиција и да се изработат проекти за поставување семафори кај „Епинал“ и Камен Мост каде најмногу се кочи сообраќајот на Широк Сокак.

    „Ова е одговорен Совет и ќе ја донесе оваа одлука за која тврдам дека е само мачкање очи, буквално ништо нема да реши зашто зборуваме за тргање на синџирите кај ‘Епинал’ во вечерните часови кога уште повеќе има гужва од пешаци, кога цел град е излезен, а ние не добиваме ништо во текот на денот“, рече Илиевска.

    Сообраќаен застој се случува и кај Ветринарната станица за што САКАМДАКАЖАМ.МК пишуваше пет дена пред Општината да побара измена на режимот. Во исто време од едната страна на коловозот се поправа кружниот тек, а од другата се гради топловодна мрежа. Советниците од ВМРО- ДПМНЕ за ваквиот режим ја префрлија одговорноста кај СВР, а Илиевска им возврати дека сега МВР е под нивата Влада во која Битола нема ни еден министер.

    Градоначалникот Коњановски соопшти дека на терен има повеќе инфаструктурни зафати, а за поголема безнедност на граѓаните веднаш по донесувањето на одлуката остварил контакт со началникот на СВР Битола, од кој побарал зголемено присуство на сообраќајна полиција, особено во часовите кога сообраќајот е најфреквентен. Дополнително, од јавното претпријатие за урбанистичко планирање кое го работи сообраќајниот проект за Плоштадот Гоце Делчев да биде пешачка зона, побарал изготвување проект за поставување семафори кај хотел „Епинал“ и Камен Мост.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира