ВМРО-ДПМНЕ ТВРДИ ДЕКА ОПШТИНА БИТОЛА НЕМА ДОЛГОВИ, СДСМ ВЕЛАТ ДЕКА ТОА Е ВЕСЕЛА МАТЕМАТИКА, ДОЛГОВИ ТЕЧАТ НА СИТЕ СТРАНИ

    ВМРО-ДПМНЕ ТВРДИ ДЕКА ОПШТИНА БИТОЛА НЕМА ДОЛГОВИ, СДСМ ВЕЛАТ ДЕКА ТОА Е ВЕСЕЛА МАТЕМАТИКА, ДОЛГОВИ ТЕЧАТ НА СИТЕ СТРАНИСоветниците во Општина Битола си играа весела математика на денешната расправа за завршната сметка за 2017 година

    Според завршната сметка за 2017 година, Општина Битола должи 10 милиони евра помалку од јавно презентираниот долг, а ако се вкалкулираат и побарувањата, ќе испадне дека е во позитива, рекоа советниците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ на денешната седница на Советот. Ова, пак, за локалното мнозинство, предводено од СДСМ, е весела математика, а во реалноста, долгови течат од сите страни.

    Координаторот на советниците на ВМРО-ДПМНЕ, Борче Димитровски, рече дека градоначалничката Наташа Петровска во ноември минатата година на прес-конференција изјавила дека долгот на Општината е 13,5 милиони евра, а според завршната сметка, што денес се гласа, тој е помал за околу 10 милиони евра.
    „Вистинската состојба е сосема поинаква и треба да се дадат точни информации. Се покажаа десет милиони евра помалку, меѓутоа ако се наплатат побарувањата од 5,5 милиони евра, ќе испадне Општината да е во позитива”, рече Димитровски.
    Советничкото мнозинство, предводено од СДСМ, одговори дека ова е весела математика на ВМРО-ДПМНЕ.
    „Со весела математика, ВМРО-ДПМНЕ дефинитивно ги има измешано бројките. Реалните долгови на Општина Битола и на јавните претпријатија се енормни и овие обвинувања се популизам”, рече Менде Илиевски, советник од СДСМ.
    Претседателот на Советот, Валентин Груевски, рече дека финансиската состојба на Општината е очајна.
    „Зарем не го земате предвид кредитот за касарната, што треба да се плаќа или тоа го сметате за приказна за Снежана и седумте џуџиња? Долговите во образованието од 4,5 милиони евра каде да ги впишеме, во завршната сметка на Драчево? Сте ги прашале вашите директори колку време не платиле струја во училиштата? Економското училиште седум години не плаќало фактури за струја и сега оддеднаш во еден месец треба да се плати тоа”, рече Груевски.
    Советниците од независната листа „Поинаку” не присуствуваа на расправата за буџетот, зашто, како што кажаа, не дојде градоначалничката Петровска и немаше камера целосно да ја пренесе седницата на локална телевизија.
    „Од наша страна беше предложено да се формира комисија за работата на Општината во изминатите десет години. Барањето беше одбиено и ние не можеме да поддржиме криминали за кои кажувавме дека претходно ги имаше во работата на Владимир Талески”, рече советничката Габриела Илиевска.
    Претседателот на Советот, Валентин Груевски, изјави дека градоначалничката не можеше да присуствува, затоа што беше на состанок во Советот на ЗЕЛС.
    Ж. ЗДРАВКОВСКА
    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари