ЗАБРАНАТА ЗА ГРАДБА ВО ЦЕНТАР НЕ НИ ГИ НАМАЛИ ПРИХОДИТЕ, НАПРОТИВ ЗГОЛЕМЕНИ СЕ, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ БОГДАНОВИЌ

    ЗАБРАНАТА ЗА ГРАДБА ВО ЦЕНТАР НЕ НИ ГИ НАМАЛИ ПРИХОДИТЕ, НАПРОТИВ ЗГОЛЕМЕНИ СЕ, ВЕЛИ ГРАДОНАЧАЛНИКОТ БОГДАНОВИЌ„И да останат старите планови, имаме начин како да ги дисциплинираме сопственците, си имаме џокери во раков“, вели Богдановиќ. (Фото: К. Попов)

    Мораториумот за градба донесен за првпат во една општина кај нас, го одбележа тригодишниот мандат на градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ. Во разговор за САКАМДАКАЖАМ.МК Богдановиќ зборува за тоа како понатаму ќе се воведува ред во градењето по одлуката на Уставен суд за укинување на мораториумот, има ли пари општината со оглед на тоа дека неговите колеги градоначалници велат дека комуналиите им се единствен начин на полнење на општинската каса, а во Центар три години има забрана за градба. Во последната година од неговиот прв мандат разговаравме и за тоа што друго сработил, зошто одредени ветени проекти не се уште реализирани и дали ќе се кандидира за втор мандат.

    Поминаа дваесетина дена откако Уставен суд по втор пат го укина мораториумот за градба. Што прави сега Општината, има ли начин забраната за градба повторно да биде во сила?

    • Општина Центар веќе поднесе барање до Министерството за транспорт и врски согласно заклучокот на Советот на Општина Центар каде што се наведуваат извештаите што претходно ги имаме направено, а  веќе подготвуваме и елаборати за секој план поединечно за да ја покажеме нивната неусогласеност со акти од повисок ранг како што е Генералниот урбанистички план и регулационите планови. Го забрзавме темпото за три до четири дена да биде готов елаборат за еден план, но сепак ќе ни треба време за да бидат издржливи елаборатите. Јасно е дека откако почнавме да ги ревидираме плановите, да намалуваме на квадратура и висина, да ги дисциплинираме инвеститорите и да подобруваме одредени работи, се вклучи алармот и веднаш започна битката пред Уставен од инвеститори и сопственици. За жал, тука ние немаме доволно моќ. Ние можеме да одговориме со правни аргументи и факти, но тука е правото, а од друга страна е моќта.

    Побара ли некој изминативе дваесетина дена откако Уставен стави времена мерка да не важи мораториумот за дозволи за градба?

    • Граѓаните најчесто доаѓаат да се интересираат, го читаат тоа што го пишуваат медиумите. Одлуката на Уставниот суд за спроведување времена мерка додека се оцени дали мораториумот бил уставен, официјално беше објавена на 30 декември. Тоа значи дека ние досега постапувавме според одлуката на Советот за неспроведување на деталните планови.

    Но. еве сега веќе одлуката е официјална и доколку од понеделник граѓани или градежници дојдат кај вас и побараат одобрение за градба според претходниот, неревидиран план, што ќе правите? Ќе им дадете градежна дозвола?

    • Граѓаните или инвеститорите мораат да сфатат дека и да имаат можност за градење ние ќе бидеме ригорозни. И да останат старите планови имаме начин како да ги дисциплинираме сопствениците, нема да може да им се дава дозволи како порано и да не очекуваат третман како што добивале во минатото. Така што си имаме ние џокери во ракав и за тоа.

    Богдановиќ не смета дека долго трае ревидирањето на деталните планови и тврди дека сите ќе бидат завршени до крајот на мандатот.  (Фото: К. Попов)

    Нели мислите дека и вие како Општина имате вина зошто по втор пат се доведувате во ситуација да се укине мораториумот. Нели мислите дека премногу трае, за три години донесени се само 7 детални планови, а со ова темпо до крајот на вашиот мандат нема да ги донесевте останатите и да не беше одлуката на Уставен суд?

    • Општината нема никаква вина бидејќи сите планови се пуштени по институции и веќе одговорноста не може да се бара кај нас. Ние нашето сме го завршиле, сме ги ревидирале, сме постапиле по тие планови, сме усогласиле одредени работи. И сега доколку во одредени институции поради обем на работа, пандемија на ковид-19 не ни враќаат, не може вината да биде кај Општината. Се случува во сред работење на одреден план да имате промена на  тарифници, на регулациски планови и сето тоа не враќа неколку чекори наназад. Досега ваков обем на работа се нема случено. Мојот претходник Андреј Жерновски немал донесено ниту еден план.

    До крајот на вашиов прв мандат сите планови ќе ги ревидирате?

    • Да. Крајната цел не е да има мораториум бесконечно туку да добиеме подобри планови од претходните и тоа ќе го истераме па што сака нека биде.

    Имате ли поддршка од централната власт за мораториумот?

    • Имаме разбирање бидејќи кога ќе ја објасниме целата ситуација и сето она што е постигнато се ревидираниот план, јасно им е дека ова се прави за да создаваме подобри услови за живот на граѓаните. Немаме поддршка од бизнис фелата и градежниците бидејќи нив не ги интересира што во еден план немало градинка, училиште или парк. Тие си ја гледаат сопствената локација, не го гледаат целиот план како целина.

    Зошто е толку тешко да се урне дивоградбата таканаречен споменик Мајка Тереза кој крши низа закони и се наоѓа сред улица?

    • Не, не е тешко да се урне, туку моментот е што имавме промена на министри, избори. Ние имаме испратено барање до Министерството за транспорт и врски да постапат согласно мислењето што претходно го имаат дадено. Очекувам во брзо време да имаме заеднички состанок со Влада, Министерство за култура, Министерство за транспорт и врски и Град Скопје за конечно да се договори на кој начин ќе се постапи. Дали ќе се отстапи на Општината или ќе се укине одобрението со што ќе стане дивоградба и тогаш без проблем Општината ќе може да го исчисти тој дел.

    За колку се намалени приходите изминативе три години со оглед на тоа дека откако е воведен мораториумот, не се гради и во општинската каса не се влеваат пари од комуналии, за што градоначалниците велат дека е единствен начин за финансирање на општините?

    • Не ни се намалени приходите, туку напротив ни се зголемени. Не е моментот само да потпишете одобренија за градба за да соберете пари туку треба да најдете и други начини за полнење на касата. Ние во 2019 имавме реализација на приходи 101 отсто што никогаш не се случило изминативе 20 и повеќе години. Сите претходници имале реализација на приходи од 50 до 60 отсто, а ние 101 отсто. Со преземање на неколку храбри чекори, Општина Центар успеа да врати пари во буџетот преку правни спорови, кои никој досега не ги покренал. Сите правни битки кои општината ги имаше за враќање на пари ги заврши успешно. Со преземањето на земјиштето од државата почнавме да наплаќаме пенали од инвеститори заради непочитување на роковите за градба. И оваа година ќе беше исто толку добра, но се случи пандемијата. Сепак и покрај тоа општината е стабилна, имаме 100 милиони денари на сметка и немаме долгови,  сè е исплатено. Така да ако се сака, се може.

    Богдановиќ најавива дека ќе се кандидира за втор мандат за градоначакник на Центар. (Фото: К. Попов)

    Сработивте ли нешто друго освен што го спроведувавте мораториумот и уривавте диви тераси на кафулиња?

    • Со мораториумот освен што дисциплиниравме начин на градење, вцртавме маркички за објекти за јавен интерес. Предвидовме маркички за нови градинки во Дебар Маало, Крњево, Пролет и  Маџар Маало. Го завршивме новото училиште Киро Глигоров кое е најмодерно во земјава, се заврши доградба на училиште Гоце Делчев, фасадата, покривот и столарија на Димитар Миладинов, почнуваме со реконструкција и наскоро и доградба на Коле Неделковски. Комплетно реновиравме околу 20 улици кои не биле чепнати 50 години. Прва Општина сме која воведе рециклирање на пластика и лименки, за што граѓаните добиваат назад пари. Инвестиравме во спортот, отворивме дневни центри за лица со посебни потреби, а наскоро ќе биде готов и младинскиот центар кој се прави на местото на старото матично.

    Ветивте и дека тротоарите на Орце Николов ќе ги ослободите од коли, ама граѓаните уште одат по улицата оти реконструкцијата не е ниту почната?

    • Не е точно дека не е почнато реконструкцијата на Орце Николов, се работи, но кога станува збор за ваков зафат зависиме и од други работи. Во моментов се работи на спуштање под земја на сите инсталации и кабли и тоа очекувам да заврши за 20 дена. За прв пат сите кабли кои висат од бандера до бандера ќе бидат под земја и нема да се гледаат. Дрвените бандери ќе бидат минато, ќе поставиме ново лед осветлување. Затоа се пролонгираа работите, но наскоро ќе почне да се работи и на улицата.

    Ќе се кандидирате за уште мандат?

    • Да, желба ми е да ги завршиме сите започнати активности и сè она што не се работело години, години наназад, да го направиме и во наредните 4 години, за граѓаните да ги видат разликите.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира