ЗАЕВ БАРА ОДГОВОРНОСТ ОД ЧУЛЕВ И МИЦКОСКИ, ОТКАКО ПОЛИЦИЈАТА ЗАПРЕ ДИСТРИБУЦИЈА НА ХУМАНИТАРНА ПОМОШ ОД НЕГОВОТО СЕМЕЈСТВО

    ЗАЕВ БАРА ОДГОВОРНОСТ ОД ЧУЛЕВ И МИЦКОСКИ, ОТКАКО ПОЛИЦИЈАТА ЗАПРЕ ДИСТРИБУЦИЈА НА ХУМАНИТАРНА ПОМОШ ОД НЕГОВОТО СЕМЕЈСТВОЗоран Заев ги повика надлежните институции да спроведат истрага и да ги посочат виновниците откако полицијата во Струмица ноќеска стопира хуманитарна помош од семејството Заеви за лицата погодени од коронакризата. (Фото: СДК.МК)

    Експремиерот Зоран Заев, лидер на владејачкиот СДСМ, ги обвини техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за злоупотреба на полицијата, и побара истрага откако синоќа хуманитарна помош од семејството Заеви за лицата погодени од коронакризата е стопирана и ставена под полициска контрола, дистрибуцијата на прехранбените производи е стопирана. Полицијта доцна попладнево дозволи помошта да тргне кон загрозените, а за време на контролата пакетите со храна цели 15 часа стоеја на улица.

    Заев на Фејсбук денеска побара одговорност за скандалот, како што вели, што ноќеска се случил во Струмица.

    „Преку злоупотреба на полиција и на државни институции, ВМРО-ДПМНЕ, Наќе Чулев и Христијан Мицкоски се обидоа да спречат хумана, солидарна акција за помош на моите сограѓани. Очекувам од надлежните институции да спроведат истрага и да ги посочат виновниците. ВМРО-ДПМНЕ со полициски режимски структури синоќа до рани утрински часови вршеше притисок и закани врз волонтери и членови на граѓанска организација. Држеа млади волонтери во полициска станица, им се закануваа, само затоа што некој добил партиска задача и му смета солидарноста. Тоа е одлика на нелуѓе од еден режим којшто одамна го поразивме заедно со граѓаните. И затоа таквите партиски насилници мора да сносат одговорност“, напиша Заев.

    Полицијата синоќа упаднала во просториите на поранешен угостителки капацитет во Струмица каде волонтери од здружението „Сите заедно можеме“ вршеле пакување на пакетите со прехранбени артикли кои требало да бидат доставени кај социјално загрозени семејства.  Како што велат од здружението, полицијата барала документи за пакетите.

    МВР вели дека станувало збор за контрола за почитување на забраната за движење при што на улицата Ѓорги Трајков биле затекнати 11 лица и поголем број пакети со непозната содржина. Дел од лицата имале дозволи преку Здружението, дел од Општинскиот кризен штаб.

    По овластување на дежурен Јавен обвинител извршен е увид на местото на настанот од страна на увидна екипа при СВР-Струмица и со Потврда се одземи предметните дозволи и известувања со цел проверка на веродостојноста на истите. По насоки за постапување од Јавниот обвинител, дадена е Наредба на полициски службеници физички да се обезбедуват пакетите со непозната содржина се до моментот на доставување на целокупната документација за истите од страна на Здружението за хуманитарни цели ‘Сите заедно можеме’“, се вели во информацијата на МВР од каде подвлекуваат дека нема приведени, а во координација со ОЈО Струмица се работи на целосно документирање на случајот.

    Од МВР соопштија дека Одделот за внатрешна контрола дополнително ќе утврдува дали полициските службеници постапиле според правилата и процедурите при синоќешната акција..

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира