ЗАКОНОТ ЗА ДИВОГРАДБИ Е ДЕСТИМУЛИРАЧКИ ОТИ СЕ ПЛАЌА КАЗНА, ЛЕГАЛИЗАЦИЈА САМО НА КУЌИ ЗА ПРИМАРНО ЖИВЕЕЊЕ, НЕ И НА ВИКЕНДИЦИ, ВЕЛИ ШИЛЕГОВ

    ЗАКОНОТ ЗА ДИВОГРАДБИ Е ДЕСТИМУЛИРАЧКИ ОТИ СЕ ПЛАЌА КАЗНА, ЛЕГАЛИЗАЦИЈА САМО НА КУЌИ ЗА ПРИМАРНО ЖИВЕЕЊЕ, НЕ И НА ВИКЕНДИЦИ, ВЕЛИ ШИЛЕГОВШилегов смета дека со овој Закон за првпат се казнуваат оние кои граделе диво. (Фото: СДК.МК)

    Градоначалникот на Скопје и претседател на ЗЕЛС Петре Шилегов смета дека новиот Законот за легализација на дивоградби треба да се донесе со одредени измени во делот на објектите во заштитените подрачја и националните паркови. Шилегов смета дека со овој Закон за прв пат се казнуваат оние кои граделе диво, со тоа што не им е дозволена легализација по едно евро туку цената на комуналии во одредената општина плус 50 отсто казна од таа цена.

    „Прв пат во оваа држава влегуваме за легализација на куќи, не на згради или деловни објекти што значи не штитиме ничии бизнис интереси. Досега сите прописи беа во полза на неплаќачите, а новото законско решение е дестимулирачко. Наместо едно евро за квадрат, сега граѓаните ќе плаќаат на пример 100 евра за комуналии плус 50 отсто казна значи 150 евра. Треба да бидеме сите свесни дека имаме сериозна државна инфраструктура која не е легализирана. На пример, имаме далновод каде што треба да поминува улица, а не можеме да направиме експропријација оти е дивоградба“, вели Шилегов.

    Во однос на одредбата за легализација во национални паркови и во заштитени зони со изврои на вода за пиење, Шилегов смета дека низ дебата и расправа во јавноста таа треба да претрпи промени.

    „За да се избегне она за што се направи фама во јавноста дека ќе се легализираат викендици во национални паркови, може да разговараме да бидат исклучиво за примарно живеење односно ако лицето има лична карта на таа адреса. Ако е викендица да не може да се легализира. Не е Македонија единствена држава каде се носат вакви закони, имаме и во земји од Европската унија, Шпанија на секои 10 години носи вакви закони“, рече Шилегов.

    Владата на синоќешната седница одлучи да се продолжи постапката за донесување на Законот за легализација на дивоградби во Собранието преку дебата и земање во предвид на забелешките на јавноста и на претседателот Стево Пендаровски во однос на членот за објекти во заштитени подрачја и национални паркови.

    Собранието на 11 мај со 72 гласа „за“ од власта и опозицијата го усвои Законот за легализација на дивоградби. Со законското решение се дозволува легализирање на дивоградби во заштитени подрачја, како национални паркови, природни резервати, споменици на природата, подрачје на заштитено недвижно културно наследство, како и во прва и втора санитарно-заштитна зона на извори на вода за пиење, по добиена согласност од надлежниот орган. Според член 41 од овој закон, се запираат постапките за рушење на дивоградбите, но се прекинуваат и управните и судските постапки (кривични и граѓански постапки) кои се во тек и кои произлегуваат од постапките за отстранување на објекти кои се завршени или се во тек и постапки во врска со изградба на бесправни објекти.

    Поради овие одредби, претседателот Стево Пендаровски не го потпиша Указот за прогласување на Законот и со тоа сега Собранието повторно ќе го разгледува законот во фаза на трето читање, во рок од 30 дена од денот на донесувањето, и ако го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, претседателот на Републиката е должен да го потпише указот.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира