Синоќа повторно беа запалени контејнери низ Скопје. Еден од новите контејнери е запален на улицата Орце Николов, пред зградата на Генералштабот. Иако овој објект 24 часа го чуваат војници од Армијата и полиција, засега непознати сторители подметнале пожар во контејнерот. Запален е и контејнер во населбата Чаир, на булеварот Христијан Тодоровски Карпош.
Пред два дена беа запалени 8 контејнери во населбите Ѓорче Петров и Ново Лисиче.
„Сите случаи на опожарување на садовите за одлагање отпад се пријавени до надлежните органи и ќе бидат преземени соодветни мерки за да се пронајдат и санкционираат сторителите“, велат од Град Скопје.
Од Министерството за внатрешни работи велат дека имаат индиции кој ги пали контејнерите.
„По пријавите поднесени до МВР се работи на откривање на сторителите. Имаме индиции кој ги пали и по собирање на сите докази ќе излеземе во јавноста со информација“, велат од МВР.
Град Скопје пред еден месец купи 540 нови контејнери, кои се три пати поголеми од старите.
А. АНТЕВСКА