ЗАПОЧНА ОТСТРАНУВАЊЕТО НА ОСТАТОЦИТЕ ОД ИЗГОРЕНАТА МОДУЛАРНА БОЛНИЦА ВО ТЕТОВО

    ЗАПОЧНА ОТСТРАНУВАЊЕТО НА ОСТАТОЦИТЕ ОД ИЗГОРЕНАТА МОДУЛАРНА БОЛНИЦА ВО ТЕТОВОНе се знае што ќе се гради на просторот на некогашната болница (Фото: СДК.МК)

    Во кругот на Клиничката болница во Тетово започна отстранувањето на остатоците од модуларната ковид болница која минатата година изгоре во пожарот. Се демонтираат металните делови од изгорениот објект, а потоа ќе се расчитува и теренот околу болницата.

    Клиничката болница во Тетово на 25 ноември, преку електронскиот систем за јавни набавки, склучила договор со приватна фирма која ќе треба да ги отстрани остатоците. Вредноста на договорот изнесува околу 5.700 евра.

    Неодамна, директорот на Клиничката болница Амир Елези изјави дека конечно добил решение од судот дека истрагата за причините за пожарот е завршена и дека остатоците од изгорениот објект веќе не се предмет на истрага и можат да бидат отстранети. Тој тогаш изјави дека не се знае што ќе се гради на тој простор, но рече дека би било убаво да се подигне спомен-плоча во сеќавање на 14-те лица кои го изгубија животот во пожарот.

    Верувам дека во иднина таму ќе направиме една спомен-плоча во знак на почит кон жртвите на пожарот. За натамошните планови за ова место ќе се координираме со Министерството“, изјави тогаш Елези.

    Пожарот се случи на 8 септември 2021, огнената стихија за неколку минути ја пеплоса целата болница, а животот го изгубија 12-мина пациенти и уште две лица кои во тој момент биле внатре. Пред два месеца започна судски процес во кој се осомничени двајца директори на Клиничката болница, еден доктор и Клиничката болница како правно лице. Судењето досега двапати беше одложувано, а за утре е закажано ново рочиште.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира