ЗАРАЗЕНИТЕ КУМАНОВЦИ ГИ КРИЈАТ КОНТАКТИТЕ ЗА ДА НЕ ОДАТ ВО ИЗОЛАЦИЈА, ВЕЛАТ ЕПИДЕМИОЛОЗИТЕ

    ЗАРАЗЕНИТЕ КУМАНОВЦИ ГИ КРИЈАТ КОНТАКТИТЕ ЗА ДА НЕ ОДАТ ВО ИЗОЛАЦИЈА, ВЕЛАТ ЕПИДЕМИОЛОЗИТЕВо кумановскиот регион има 337 активни случаи на коронавирус, но се очекува бројот на заразени да расте во наредниот период (Фото: СДК.МК)

    Жителите на Куманово, Липково и Старо Нагоричане откако ќе добијат позитивен тест за коронавирус не сакаат да ги откријат контактите за да ги заштитат од 14-дневна изолација и со тоа придонесуваат да се шири заразата, рече епидемиолог Јадранка Стаменковска на денешната седница на Советот на Општина Куманово, каде што точка на дневен ред беше сотојбата со ковид-19. Според неа, ако на почетокот на епидемијата од еден позитивен случај добивале од 10 до 15 контакти, сега таа бројка е сведена на два-три.

    „Во последните два месеца имаме послабо откривање на контактите од страна на позитивните лица. Тие свесно избегнуваат изолација, бидејќи треба 14 дена да седат дома. Ни ги кажуваат само оние од најтесното семејство, додека останатите од поширокото опкружување не ги набројуваат. Така што, ние како Центар за јавно здравје сѐ потешко доаѓаме до контактите на заболените, освен кога тие ни се јавуваат сами. Позитивните најчесто ни тврдат дека самите се ставиле во изолација, меѓутоа фактичката состојба не е таква и затоа имаме неповолна епидемиолошка состојба, односно бројот на позитивни случаи во наредниот период ќе се зголемува. И граѓаните и институциите ја немаат потребната лична и општествена одговорност“, вели Стаменковска.

    Во Центарот за јавно здравје Куманово, кој ги покрива и Липково и Старо Нагоричене и околу 130.000 жители, дневно се прават 25 тестирања на Мој термин од 103 приватни амбуланти. Тој број е недоволен, па граѓаните и лекарите реагираат дека тешко се доаѓа до термин и мора да се тестираат во приватните лаборатории на своја сметка. По поплаките, Фондот од денеска го зголемил бројот на 33 тестирања дневно.

    Во Куманово, Липково и Старо Нагоричане досега се заразени 2.161 лице, а активни се 337 случаи.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира