Модуларната болница во Велес наменета за болни од ковид-19 од денес е затворена. Болницата има 47 кревети и поради намалениот број болни на кои им треба хоспитализација, нема веќе да прима пациенти.
„Сите пациенти на кои им е потребно болничко лекување, ќе се хоспитализираат во ковид-центарот на Инфективното одделение“, кажа д-р Елеонора Јованова, портпаролка на Општа болница Велес.
Модуларната болница првите пациенти ги прими на 17 март. Пациентите кои биле позитивни, а се со негативен тест но имаат здравствени проблеми, како и досега ќе се лекуваат на тракт „Б“ од Интерното одделение.
Во Болницата денес се хоспитализирани 14 пациенти, од кои тројца се потврдени позитивни, двајца се сомнителни и девет пациенти со негативен тест, но задржани на болничко лекување. На кислородна поддршка се шест пациенти.
П. ПЕЧКОВ