ЗАТВОРЕНАТА ОБИКОЛНИЦА НАД БИТОЛА СТАНА ДЕПОНИЈА ОПАСНА ПО ЖИВОТ

    ЗАТВОРЕНАТА ОБИКОЛНИЦА НАД БИТОЛА СТАНА ДЕПОНИЈА ОПАСНА ПО ЖИВОТПатот беше затворен во јануари годинава, со образложение од „Македонија пат“ дека е опасен за возилата поради одрони и дека ќе остане така сѐ додека не се направи санација. Шест месеци подоцна, не само што ништо не е санирано, туку обиклницата стана и опасна депонија по која и се вози диво (Фото: СДК.МК)

    Во голема дива депонија прерасна обиколницата над Битола на регионалниот пат Прилеп-Охрид, откако веќе половина година е забранета за сообраќај. Мртви кокошки и мрши од други животни се расфрлени низ коловозот, стар мебел, комунален смет, парчиња стакло, горено ѓубре, облека. Вака од сметот се ослободуваат жителите на дивата ромска населба, а веќе со месеци никој ја расчистил депонијата.

    „По сметот претураат сиромашни луѓе барајќи предмети, па и пластични шишиња. Нивните животи се во опасност зашто слободно си се движат по патот, а некои несовесни возачи, ги тргаат сообраќајните знаци со кои е затворен коловозот и си возат низ него како да се на автопат. Можат да изгазат некого“, вели Сељадин Ибраимовски, жител на населбата Баир.

    За време на нашата обиколка, не наидовме на

    Нема сообраќајни патроли, туку само сигнализација која некој ја тргнал на страна за да помине со возилото (Фото: СДК.МК)

    Од јавното претпријатие „Комуналец“ велат дека немаат обврска да го расчитуваат сметот, туку само да дигаат ѓубре од специјализирани садови. Но сепак, со Општината во неколку наврати лани организирале акции за расчистување на дивата депонија, ама таа повторно се создала.

    Патот беше затворен во јануари годинава, со образложение од „Македонија пат“ дека е опасен за возилата поради одрони и дека ќе остане така сѐ додека не се направи санација. Периодот се поклопи и со честите протести на ромското население, кое среде пат палеше насобран смет зашто во најструдените денови остануваше без струја. Но, се поклопи и со  работата на каменоломот кој се отвори на ридиштата над обиколницата.

    На терен и по шест месеци нема посериозни активности за отстранување на одроните, освен оние што беа преземени пред две години кога се појави свлечиштето. На патот и понатаму има огромни камења одронети од ридовите.

    На патот и понатаму има огромни камења одронети од ридовите (Фото: СДК.МК)

    Директорот на битолската подружница „Македонија пат“ Веселинчо Спасевски почина во неделата, па од таму сега нема одговор.

    Васко Ковачевски, пратеник на СДСМ од Битола, денес испрати писмено барање до министерот за транспорт и врски, директорот на ЈП за државни патишта и „Македонија пат“ веднаш да преземат мерки и активности за ставање во функција на обиколницата над Битола.

    „Оваа патна делница со месеци не е во функција, а лесните и тешките товарни возила се пренасочуваат низ градот Битола, а со тоа се прави сообраќаен метеж, оштетување на приградските и градските улици, зголемување на загадувањето“, вели Ковачевски.

    Тој бара помош од фирми и поединци да помогнат да се расчисти патот и да се стави во функција.

    Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески во телефонски разговор ни рече дека денес ќе одржат средба со надлежните институции, на која ќе се обидат да најдат решение за ставање во функција на обиколницата над Битола.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА  

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира