ЗАТВОРЕНИ СЕ СИТЕ ОПЕРАЦИОНИ САЛИ ПО СМРТТА НА ДВАЈЦА ПАЦИЕНТИ ВО ПРИЛЕПСКАТА БОЛНИЦА, ОБВИНИТЕЛСТВОТО ИСТРАЖУВА

    ЗАТВОРЕНИ СЕ СИТЕ ОПЕРАЦИОНИ САЛИ ПО СМРТТА НА ДВАЈЦА ПАЦИЕНТИ ВО ПРИЛЕПСКАТА БОЛНИЦА, ОБВИНИТЕЛСТВОТО ИСТРАЖУВАПациентите по операција добиле добиле интрахоспитална бактерија и починале. (Фото: Архивска фотографија)

    Основното јавно обвинителство (ОЈО) од Прилеп по допрен глас оформи предмет по информациите за смрт на две лица во ЈЗУ Општа болница Прилеп – жена на возраст од 51 година и непознато машко лице – кај кои биле извршени оперативни зафати по што добиле интрахоспитална бактерија од која починале. Обвинителството соопшти дека веднаш по овие случаи сите операциони сали во болницата „Борка Талески“ во Прилеп се затворени од 16 февруари. Итните хирурши интервенции се вршат во блиските регионална клиничка болница во Битола.

    Исто така, прилепското обвинителство постапува и по добиена информација преку допрен глас за несовесно лекување на лице на возраст од 30 години на Одделот за неврологија при ЈЗУ Општа болница Прилеп. Пациентот, наводно, бил лекуван десетина дена со погрешна дијагноза.

    „Со цел да ги провери овие информации и евентуална кривична одговорност, надлежен јавен обвинител издаде барања за прибавување на целокупната писмена документација во врска со овие случаи од Државниот санитарен и здравствен инспекторат Прилеп и од ЈЗУ Општа болница Прилеп. Издадена е и наредба до МВР – ОВР Прилеп да изврши информативни разговори со службени лица во болницата, со роднини и блиски лица на пациентите. По извршените проверки ќе биде донесена јавнообвинителска одлука за натамошниот тек на постапката“, соопштија од ОЈО Прилеп.

    Директорката на болницата во Прилеп Кети Смилевска за САКАМДАКАЖАМ.МК потврди дека се затворени операциони сали.

    „Кај 51-годишната пациентка по протокол се земени три последователни хемокултури од кои во првата хемокултура е најдено присуство на Staphylococcus epidermidis, а останатите 2 се негативни. По протокол уште пред добивањето на наодот од Микробиологија емпириски е отпочната комбинирана антимикробна терапија која беше соодветна на добиениот антибиограм од првата хемокултура. Наодот им беше соопштен на Клиниките на терциерно ниво каде пациентката беше трансферирана и на кои беше ординирана и проширена соодветна антимикробна и останата терапија“, велат од Комисијата за интрахоспитални инфекции при ЈЗУ Општа болница со проширена дејност Прилеп и додаваат дека се чека обдукцискиот наод од Институтот за патологија.

    Според непотврдени извори, пациентката имала направено киретажа поради менопауза на Одделението за гинекологија во Прилеп. Подоцна настапила смрт, а причините се испитуваат.

    Од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) соопштија дека е извршен епидемиолошки увид по појава на случај на пациентка кај која е извршена интервенција на Одделот за гинекологија после кој се јавиле симптоми на сепса. Земени се примероци од нежива средина, испироци од раце на вработен здравствен персонал, извршени се вонредни здравствено-хигиенски прегледи, по што е препорачано затворање на операционите сали до добивање на резултатите од земените примероци.

    Според ДСЗИ, од земениот примерок за хемокултура во прилепскиот Центар за јавно здравје добиен е позитивен изолат на Staphylococcus epidermidis. Пријавена е интрахоспитална инфекција. Причините за смртта уште не се познати. Се чека извештај од патоанатомскиот наод. Телото е предадено за обдукција на Институт за патологија.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира