Тетовската полиција и инспекциските служби направија контрола на 16 угостителски објекти во тетовско и во гостиварско при што биле констатирани повеќе неправилности во работењето. Државниот пазарен инспекторат издал решение за затворање на три објекти.
„На 22.03.2025 во период од 10 до 15 часот, полициски службеници од СВР Тетово и ОВР Гостивар во содејство со претставници од Управата за финансиска полиција, Управата за јавни приходи, Државен пазарен инспекторат, Дирекцијата за заштита и спасување, Градежен инспекторат и Комунална инспекција, извршиле акциска контрола и презеле координирани мерки и активности насочени кон сузбивање на недозволени криминални активности кои се вршат во угостителски објекти на подрачјето на Тетово и Гостивар, со приоритетна цел на сузбивање на недозволена трговија со дрога, посредување во вршење на проституција, перење на пари, коруптивни кривични дела од страна на службени лица вработени во државни институции поврзани со незаконско работење на субјекти кои вршат угостителска дејност и други нелегални активности. Извршени се контроли во 16 угостителски објекти, шест во Тетовскиот и 10 во Гостиварскиот регион, кај кои биле констатирани низа неправилности и од страна на ДПИ, ДЗС и УЈП ќе им бидат изготвени соодветни поднесоци, додека од страна на ДПИ биле затворени два угостителски објекти во Тетово и еден во Гостивар“, рекоа од СВР Тетово.
Освен ова, вчера полициски службеници од СВР Тетово во содејство со полициски службеници од Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај Тетово на улица „Маршал Тито” извршиле контрола на такси возила и комбиња што вршат јавен превоз на патници. При контролата биле констатирани три кривични дела „вршење на јавен превоз без поседување на лиценца”, а по документирањето на случаите ќе бидат изготвени соодветни поднесоци.
З.АНДОНОВ