Затвореникот од Идризово не може да прецизира од кого заболел со коронавирус, соопшти велешкиот Центар за јавно здравје. Велешанецот кој отслужува казна затвор, во четвртокот го добил резултатите дека е позитивен на ковид-19, откако на 30-ти јуни се пожалил дека има повишена температура, по што му бил земен брис.
„Му извршивме епидемиолошка анкета и тој не може да посочи дека се сретнал со некого кој бил позитивен или лице кое било во изолација, или кој било сомнителен случај. Средбите кои ги имал додека бил на викенд отсуство дома во Велес биле кратки, така што не може да каже од кого станал позитивен на ковид-19“, велат од Центарот за јавно здравје во Велес, каде е истражуван овој случај.
Затвореникот на возраст од 50 години е пуштен на викенд во периодот од 24-27 јуни. Поради него, има лица со кои бил во контакт и тие се во самоизолација, а затвореникот е во затворот Идризово.
Според податоците од Центарот, во текот на изминатите 24 часа во Велешко се регистрирани пет нови случаи позитивни со ковид-19, меѓу нив тројца велешани од кои двајца се браќа, една вработена во Скопје и двајца жители на Горно Јаболчиште, кои поради здравствени проблеми се сместени на Инфективното одделение од Велешката болница. Едно лице кое било на лекување во ова Одделение е двапати последователно негативно и е пуштено дома.
П. ПЕЧКОВ