ЗАВРШЕНА САНАЦИЈАТА НА ВЕЛЕШКИ ТЕАТАР КОЈ 6 ГОДИНИ РАБОТЕШЕ БЕЗ ТЕХНИЧКИ ПРИЕМ

    ЗАВРШЕНА САНАЦИЈАТА НА ВЕЛЕШКИ ТЕАТАР КОЈ 6 ГОДИНИ РАБОТЕШЕ БЕЗ ТЕХНИЧКИ ПРИЕМВо тек е постапка за технички преглед, по што објектот ќе се предаде во употреба и ќе се играат претстави, велат од Министерството за култура. (Фото: СДК.МК)

    Повеќе од половина година не се играат претстави на сцената на велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“, зашто се извршуваат градежни зафати со кои се санираат констатираните недостатоци за да се изврши технички прием на објектот. Објектот примаше публика и се изведуваа претстави, иако шест години немаше технички прим. Министерството за култура најави дека санацијата ќе заврши до крајот на ноември лани, овој рок одамна помина, а сцената на театарот и натаму е празна.

    „Градежните работи на објектот се завршени. Во тек е постапка за технички преглед, обезбедување на употребна дозвола и упис во јавната книга на недвижности од страна на надлежните органи. По завршувањето на овие процедури објектот ќе биде подготвен за употреба“, одговорија од Министерството за култура, на поставеното прашање зошто се пробиени роковите за санација кои сами си го дадоа.

    Во меѓувреме, се работеше на завршни изведбени работи и одредени санации на настанати оштетувања во внатрешноста и надворешноста на објектот. Листата на работите е подолга. Се испитуваше електричната инсталација како и на автоматски дизел агрегат. Се испитуваа и сервисираа инсталациите за дојава на пожар, се испитуваше водоводната мрежа, се монтираа подземни пожарни хидранти, се изведуваа завршни работи на внатрешен водовод. Освен тоа се вршеа и лимарски работи, санација на покривни бакарни олуци, гипскартонски и молерофарбарски работи.

    Последната претстава на сцената на велешкиот театар беше изведена на почетокот од август, лани во рамките на Фестивалот на античка драма „Стоби“. Есента, во два наврати велешките актери гостуваа во Прилеп и Скопје и потоа сцената замре.

    Државниот завод за ревизија во 2018 констатираше дека велешкиот театар работи иако нема технички прием. Во писмените забелешки објавени тогаш, меѓу другото пишува дека „За објектот Театар Велес во Велес не е извршен технички преглед, извршен е само интерен технички преглед по фази на ден 02.06.2015 година со кој се констатирани повеќе забелешки и недовршени позиции. И покрај тоа, театарот е пуштен е во употреба во јуни 2014 година, а на истиот сè уште се извршуваат градежни работи“.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира