Со давање завршни зборови на Обвинителството, одбраната на обвинетите Флорин Бесими, Артан Етеми и ЈЗУ Клиничка болница Тетово, како и на застапниците за лицата кои настрадаа во пожарот во модуларната ковид-болница во Тетово, заврши главната расправа на повтореното судење, а судијата Реџеп Муса најави дека пресудата ќе ја соопшти на 16 мај. Во страотниот пожар што изби вечерта на 8 септември 2021 загинаа 14 пациенти и нивни роднини.
Во завршниот збор, претставникот на Јавното обвинителство рече дека од прибавените материјални докази и од изјавите на стручните лица, обвинетите Бесими и Етеми, како и правното лице Клиничка болница Тетово, се сторители на кривичните дела за кои се товарат. Обвинителството посочи дека според материјалните докази, модуларната болница била изградена според сите стандарди, но дека во моментот кога избил пожарот во објектот немало против пожарни апарати, при што Бесими, како тогашен директор на Клиничката болница, и Етеми како нејзин економски директор, имале обврска да постават вакви против пожарни апарати во објектот. Поради ова, Обвинителството побара двајцата директори и Клиничката болница, како правно лице, да бидат прогласени за виновни.
Кон завршниот збор на Обвинителството се приклучија и правните застапници на семејствата чии членови загинаа или добија повреди во пожарот во модуларната болница. Притоа, беше посочено дека тие во оваа постапка нема да бараат оштетување туку тоа ќе го остварат во посебна граѓанска постапка.
Наспроти ова, одбраната на обвинетите беше едногласна дека Обвинителството не успеало да ја докаже вината на обвинетите и дека во постапката не можело да изнесе суштински елементи за сторено кривично дело на обвинетите, односно дека тие не биле директно одговорни за модуларната болница. Адвокатот на Бесими, меѓу другото, посочи дека неговиот клиент не учествувал и не го потпишал примопредавањето на модуларната болница и дека неколку сведоци на одбраната посочиле оти во објектот имало противпожарни апарати. Адвокатот на Етеми посочи дека обвинението не успеало да докаже вината на неговиот клиент и побара тој да биде ослободен од обвинението за кривично дело. Во завршните зборови обвинетите се приклучија кон завршните зборови на нивната одбрана.
Со ова заврши главната расправа за судењето за модуларната болница, а судијата Реџеп Муса пресудата ќе ја соопшти на 16 мај.
Во ова повторено судење за модуларната болница, тогашниот директор на Клиничката болница Флорин Бесими, економскиот директор Артан Етеми и Клиничка болница Тетово како правно лице се обвинети за кривичното дело Тешки дека против општата сигурност.
З. АНДОНОВ