Заврши комплетната реконстуркција на салата „Расадник“ во скопската населба Кисела Вода. Салата се реконструираше со два милиона евра од Министерството за спорт.
Салата е со капацитет за 1.000 гледачи и, како што кажаа градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски и министерот за спорт Борко Ристевски, ќе биде дом на ракометниот клуб „Вардар“.
Општина Кисела Вода ја доби во владение салата во 2023 година. Претходно, 20 години стоеше руинирана и запустена откако во 2002 од тогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ кога премиер беше Љубчо Георгиевски беше дадена под концесија на фирмата „Империал Данела“ .
- ПОЧНА РЕКОНСТРУКЦИЈАТА НА САЛАТА „РАСАДНИК“, ВЛАДАТА НА ВМРО-ДПМНЕ ВО 2002 ЈА ДАДЕ НА ФИРМАТА „ИМПЕРИАЛ ДАНЕЛА“ И ЈА УНИШТИ
- САЛАТА „РАСАДНИК“ СО КОЈА МЕНАЏИРА ФИРМАТА „ИМПЕРИАЛ ДАНЕЛА“ СЕ РАСПАЃА ЗАТРУПАНА ВО ЃУБРЕ, А ДРЖАВАТА НЕ МОЖЕ ДА СИ ЈА ЗЕМЕ НАЗАД ОТИ НИКОЈ ОД ФИРМАТА НЕ СЕ ПОЈАВУВА НА ПРИМОПРЕДАВАЊЕ
Партијата СДСМ во изборната кампања за градоначалник на Скопје во 2021 објави документи дека управителка на фирмата „Империал Данела“ е Данела Арсовска, која беше кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалничка на Скопје. Тогаш од партијата кажаа дека фирмата имала долгови за кирија кон државата од околу 130.000 евра, и за струја од над 50.000 евра. Арсовска поддржана од ВМРО-ДПМНЕ стана градоначалничка, но приказната за салата „Расадник“ остана неоткриена. Таа тогаш се закануваше дека со тужби, но и за тоа случајот не доби ни судска завршница.
Според документите до кои дојде САКАМДАКАЖАМ.МК и објавениот текст во април 2023, салата е издадена под закуп во 2002. Договорот е склучен меѓу Јавното претпријатие за стопанисување со објекти за спорт во сопственост на државата и фирмата „Империал Данела“. Во договорот стои дека објектот се доделува на користење на 25 години односно од 1 јануари 2002 до 31 декември 2026, а месечната кирија е 1.000 евра.
На 25 септември 2002 склучен е и анекс на договорот, со кој фирмата „Империал Данела“ го добива под закуп и дворот околу салата со површина од 7.800 метри квадратни. Со анексот се предвидува изградба на хотел со 24 легла, пет терени за сквош, фитнес центар, базен и 15 бунгалови. Но, не само што овие услови од договорот не беа исполнети, туку салата беше уништена и оставена со долгови за неплатени кирии и сметки за струја.
Владата за првпат за салата расправала во 2019, кога се носи одлука да се додели на Општина Кисела Вода. Од јавното претпријатие по ваквата одлука на Владата испраќаат покани до фирмата „Империал Данела“ да се изврши примопредавање на објектот, да се подмират сите долгови и да се направи увид во каква состојба е објектот. Но, одговори од фирмата не добиваат.
На крај, Општина Кисела Вода пред две години ја доби салата од Владата, но долговите уште не беа расчистени.
А. АНТЕВСКА



