ЗДРАВСТВЕНИОТ ДОМ ВО БИТОЛА ЏАБЕ Е РЕНОВИРАН ОТИ ПРОКАПУВА ПОКРИВОТ, А БИРОКРАТИЈАТА ГО КОЧИ САНИРАЊЕТО

    ЗДРАВСТВЕНИОТ ДОМ ВО БИТОЛА ЏАБЕ Е РЕНОВИРАН ОТИ ПРОКАПУВА ПОКРИВОТ, А БИРОКРАТИЈАТА ГО КОЧИ САНИРАЊЕТОТаванот година и пол не може да се реновира поради Закото за старо градско јадро; - Просторите во кои се наоаѓаат Службите за детска превентивна стоматологија и школска медицина имаат комплетно нов под, дограма, тоалети, обновени ходници, а на истиот кат, во друга просторија веќе има оштетувања на таванот од претходно прокапување. (Фото: СДК.МК)

    Дел од службите во Здравствениот дом „Хаим Абраванел“ во Битола се реновираа, но постои опасност од прокапување на покривот што при пообилни врнежи може да предизвика оштетувања. Просторите во кои се наоаѓаат Службите за детска превентивна стоматологија и школска медицина имаат комплетно нов под, дограма, тоалети, обновени ходници, а на истиот кат, во друга просторија веќе има оштетувања на таванот од претходно прокапување.

    Во последните три години вложени се многу средства за реновирање на дел од просториите и набавка на апаратура, а постапката за реконструкција на покривот заглави поради Законот за старо градско јадро. Проектот за реконструкција е изработен и веќе година и пол е влезен како активност во планот и програмата на Министерството за здравство, но се јави проблем околу материјалот со кој треба да се реконструира покривот.

    Нè кочи Законот за заштита на централно градско јадро и дел од институциите, вели директорката Весна Спирковска. (Фото: СДК.МК)

    „Покривната површина во овој момент е со салонитки од азбест кој е штетен по здравјето на луѓето. Но, заглавен ни е проектот и покрај обезбедените средства. Нè кочи Законот за заштита на централно градско јадро и дел од институциите. Поради објектот кој е од 1948 година, нивното барање е да се постават ќерамиди. Но, ние не сме во можност, ниту Министерството го има изработено како таков проектот, а и моменталната кровна површина од надвор не се гледа зашто објектот е висок. Секој дожд и поголем налив на вода кај мене предизвикува непријатно чувство и страв од непредвидлива незгода која би можела да се случи. Имам ургирано до Управата за заштита на културното наследство, до Завод и музеј Битола “, вели директорката Весна Спиркоска.

    Откако е направена институцијата покривот не е обновен. Во последните три години, при секое прокапување бил саниран, но мајсторите кажале дека неопходно е целосно да се реновира. Спирковска додава дека сè им е обезбедено, па бара разбирање од надлежните институции за наоѓање начин како ова да се реши.

    Објектот е од 1948 година, а покривот оттогаш не е реновиран. (Фото: СДК.МК)

    Законот за старо градско јадро ја закочи и постапката за изградба на настрешница за возниот парк.

    „Проектот е изработен, испратен во Управата за заштита на културно наследство. Треба да се постави на просторот пред Брзата помош, а да се прекријат возилата, посебно оние од Брза помош бидејќи се на отворено. Во зимски услови се пренатрупани со снег. Знаеме дека животот со минути се брои, а нам ни треба време за да се исчисти шофершајбната од снегот. Или во лето прегреани возила, носиме пациенти колабирани. Ги молам надлежните за подобро разгледување на овој проблем“, рече Спиркоска.

    Здравстевниот дом 68 години дава примарна здравствена заштита на целокупното население на градот Битола, а не ретко и на околните општини. Тука со инсулинска терапија се опслужуваат пациенти од Битола, Новаци, Могила, Демир Хисар. Исто и Детската превентивна стоматологија го опфаќа реонот на Битола, Демир Хисар, Ресен, Прилеп и Крушево и врши мониторинг на оралното здравје кај деца до 14 години. Веднаш до нив е и Службата за школска медицина во реновирани простории. Реновирано е и во Итна медицинска помош која понекогаш има и до 80 прегледи дневно во време на сезонски грип. Вложено е и во апаратура. Набавени се колички за скали, хематолошки бројачи од најнов модел, опрема за трудова медицина, апарати за екг и за стрес тестови и друга апаратура.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира