ЗЕМЈОТРЕСИТЕ ОТВОРИЈА НОВИ ДУВАЛА НА ВУЛКАНОТ КАЈ КОСЕЛ

    ЗЕМЈОТРЕСИТЕ ОТВОРИЈА НОВИ ДУВАЛА НА ВУЛКАНОТ КАЈ КОСЕЛВо Косел се појавија шест нови дувала, четири до старото дувало и уште две на мало ритче. (Фото: СДК.МК)

    Серијата земјотреси кои што со недели го тресат Охрид и околината, а епицентарот им е на неколку километри од единствениот жив вулкан на Балканот во Косел, отворија нови дувала.

    Новите дувала се видливи веднаш што ќе се стигне на местото каде што со векови постои познатот дувало. Појавени се шест нови. Четири до старото дувало и уште две на мало ритче. При денешната посета на Косел се чувствува засилен мирис на сулфур. На местото каде што се дувалата забележавме три мртви животни, јазовци кои што ги има на овој дел од Косел.

    Близу новите дувала има угинати животни, јазовци кои што ги има на овој дел од Косел. (Фото: СДК.МК)

    Денеска, земјотрес од 5 степени по европската макросеизмичка скала се почувствува во Охрид во 13.18 часот. Според Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар, епицентарот бил на 12 километри североисточно од Охрид, на 5 километри од Косел и на длабочина од 10 километри.

    Силниот земјотрес се почувствува низ целата земја до Скопје и во Албанија. Претходно утринава околу 4 часот Охрид го погоди уште еден земјотрес со јачина од 3,7 степени. Епицентарот бил на 6 километри источно од Охрид, во Косел, на длабочина од 6 километри. Вчера во Охрид беше почувстван земотрес со јачина од 4 степени. Изминатите неколку недели во охридскиот регион се регистрирани над 800 земјотреси.

    Охридскиот екологист и координатор на Дримскиот проект Дејан Паноски, по серијата земјотреси побара да се испита вулканот во Косел во непосредна близина на Охрид.

    „Мислам дека итно треба да се направат сондирања, испитувања за евентуална поместеност на подземни води и текови, испитувања во околните бунари и секако испитувања на гасот и евентуални течности во сулфетарата Косел“, смета Паноски.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари