Расте бројот на пациенти со карцином и со кардиоваскуларни заболувања во Охрид. Загрижувачки е и тоа што има тенденција на намалување и на возрасната граница, со што амбулантите во болничкиот дел се полнат со млади пациенти. Според лекарите, причина е ковид пандемијата која подог периот предизвикува страв кај пациентите од зараза па ги одлагаат или негираат тегобите и доаѓаат во болница во крајно тешка состојба.
„Имаме умерено голема бројка пациенти кои ги бараат нашите услуги, работат четири амбуланти, две со Мој термин и две ургентни за пациенти кои доаѓаат со приоритетни и ургентни упати од други установи. Со оглед на тоа што покриваме голем регион, максимално се трудиме да ги прилагодиме условите во амбулантите во услови на пандемија и мислам успешно се справуваме. Ги згрижуваме пациентите од цел Југозападен Регион, пациентите кои се ургентни, со акутни состојби и тешки кардиоваскуларни заболувања“, вели директорката на Специјализираната болница за кардиоваскуларни заболувања во Охрид д-р Елена Коваческа-Башуроска.
Во овој период на пандемија има зголемување на смртноста од кардиоваскуларни заболувања, има комплексни случаи кои доаѓаат во болницата со тешки кардиоваскуларни заболувања и компликации предизвикани од нив. Д-р Коваческа-Башуроска посочи дека превенцијата и редовните лекарски прегледи се најважни за спречување фатален исход.
Пандемијата го отежна лекувањето и на пациентите со малигни и бенигни заболувања. Причина и кај нив е стравот да одат на редовни контроли во време на коронавирусот. Најчести карциноми кои ја напаѓаат и помладата популација се рак на бели дробови и простата.
„Короната ги стопираше луѓето да одат на редовни и контролни прегледи. Меѓутоа еве, успеавме и летниот период да работиме со нормален оперативен програ , за разлика кога други години обично во летниот период работевме само итен оперативен програм. Годинава одлучивме и летниот период да работиме редовен оператвен програм“, вели д-р Горан Балевски, директор на Општата болница во Охрид.
Раното дијагностицирање и третман е клучно за борбата со оваа болест, затоа лекарите апелираат на редовни прегледи.
„Апелирам да се вршат редовни прегледи. Посебно да не се пропушта таа карика – матичен лекар па специјалист. Да се слушаат сите совети на лекарите. За жал, луѓето денес повеќе читаат Интернет и се консултураат со Гугл наместо со лекарите. Мора да се консултираат со лекарите, лекарот мора да го води пациентот“, додава д-р Балевски.
Трендот на смртност од кардиоваскуларни заболувања сé уште е највисок. Ракот е втората водечка причина за смрт во светот. Светската стаситика тврди дека 9,6 милиони луѓе умираат од рак секоја година. 70% од смртните случаи од рак се јавуваат во земјите со низок и среден приход. Најмалку една третина од честите форми на рак може да се спречат.
„Реално, точно кај нас не може да се знае бројката на заболени од кардиоваскуларни болести, бидејќи голем дел од страв не се јавуваат на лекар, но во Специјалната болница забележан е доста голам број пациенти кои првпат дошле поради некој проблем, кардиоваскуларен, хипретензија, аритмија, или некој метаболен проблем“ вели д-р Елена Коваческа-Башуроска.
С. ВРЕНЦОВСКА