ЗГОЛЕМЕН ИНТЕРЕС ЗА ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ КОВИД ВО ВЕЛЕС, ПОЧНА ДА СЕ ДАВА И ВАКЦИНАТА НА „МОДЕРНА“

    ЗГОЛЕМЕН ИНТЕРЕС ЗА ВАКЦИНАЦИЈА ПРОТИВ КОВИД ВО ВЕЛЕС, ПОЧНА ДА СЕ ДАВА И ВАКЦИНАТА НА „МОДЕРНА“За еден месец околу 400 пациенти од велешко примиле вакцина, најголем број од нив четврта доза. (Фото: СДК.МК)

    Во Велес е зголемен интересот за вакцинација со четврта дозата против ковид-19. За еден месец во вакциналниот пункт во Здравствениот дом околу 400 пациенти од Велешко примиле вакцина, во најголем број четврта доза.

    „Четврта доза најмногу интерес има кај лицата над 60-годишна возраст, иако последните две седмици таа граница се симна и до 40 години. Далеку помал е интересот за прва и втора доза вакцина. Од оваа седмица започнавме да аплицираме и вакцина на ‘Модерна‘ заедно со таа на ‘Фајзер‘. За прва и втора доза ако има интерес има мало количество од кинеската на ‘Синовак’“, кажа д-р- Марина Тодоровска, координаторка на вакцинален пункт во Велес.

    Обезбедена е нова просторија, каде се зема брис за лицата кои проверуваат дали се ковид позитивни. Досега, оваа услуга две години се извршуваше во пунктот кој беше во просториите на некогашното ОУ „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“, но имаше големи реакции од пациентите за условите каде се работеше.

    „По барање на локална власт требаше да го напуштиме досегашниот простор, каде се земаше брис за ковид пациентите. Обезбедивме нова престорија, нов пункт, заедно со Здравствен дом, во зградата на Хигиенски завод. Пациенти за ПЦР тестови сега доаѓаат во Мој термин до 11 часот а од 12 се земаат брзи тестови, исто така во Мој термин“,  кажа д-р Богданка Дограмаџиева-Јораданова, директорка на Центарот за јавно здравје Велес.

    Оваа седмица просечно во овој пункт се тестирале по 30 пациенти дневно.

    Последната седмица се забележува опаѓање на бројот на активни случаи со ковид-19 во Велешко, сега се 127, а претходно беше и до 170 лица. Во Велешката болница хоспитализирани се 11 пациенти, а тројца од нив се на Невропсихијатрија, четворица се на кислородна поддршка. Од болнички згрижените пациенти, освен од Велес има и од Кавадарци, Неготино и Градско. Вакциналниот пункт во Здравствен дом работи секој работен ден до 8 до 13 часот.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира