ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ЦЕНАТА НА ПАРКИНГОТ ЗА ОПШТИНА ЦЕНТАР НЕ Е РЕШЕНИЕ ОТКАКО ГРАД СКОПЈЕ НАЈАВИ ДЕКА ДВОЈНО ЌЕ ГО ПОСКАПИ ПАРКИРАЊЕТО КОГА Е ЗАГАДЕНО

    ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ЦЕНАТА НА ПАРКИНГОТ ЗА ОПШТИНА ЦЕНТАР НЕ Е РЕШЕНИЕ ОТКАКО ГРАД СКОПЈЕ НАЈАВИ ДЕКА ДВОЈНО ЌЕ ГО ПОСКАПИ ПАРКИРАЊЕТО КОГА Е ЗАГАДЕНОЈавното претпријатие за паркирање на Општина Центар, пак нема да воведе вакви мерки иако со поголем дел од паркинзите низ центарот на градот стопанисуваат тие. (Фото: СДК.МК)

    Двојно ќе поскапи паркирањето на паркинзите со кои стопанисува ЈП „Градски паркинг“ во деновите кога поради енормно загадување ќе бидат прогласени вонредни мерки.

    Со тоа цената за еден час паркирање на паркинзите каде сега се наплатува 25 денари ќе биде 50 денари, цената од 35 денари во зона Б се зголемува на 70, а наместо 45 денари за час во зона А ќе се наплатува 90 денари. Најскапо ќе биде паркирањето во зоната А0 односно на улицата Максим Горки и на паркингот на Водно, каде сега еден час чини 100 денари, а со оваа одлука цената ќе биде 200 денари.

    Одлуката помина на Управен одбор на ЈП „Градски паркинг“ и сега треба да ја изгласаат советниците во Советот на Град Скопје на седницата која ќе се одржи наредната недела.

    „На секој паркинг ќе поставиме дополнителни табли за да ги информираме граѓаните за новите цени кои ќе важат кога поради загадувањето се прогласени вонредни мерки“, велат од ЈП „Градски паркинг“.

    Од кабинетот на градоначалникот Петре Шилегов велат дека ова мерка би се применувала во централното градско подрачје, за да се стимулирале граѓаните кои патуваат во овој дел од градот, да користат јавен превоз, се со цел намалување на сообраќајниот метеж, а со тоа и намалување на количината на издувни гасови од возилата кои го загадуваат воздухот.

    „Колку за потсетување, минатата година Градот прогласи вонредни денови само 2 пати“, велат од кабинетот на градоначалникот Шилегов.

    Јавното претпријатие за паркирање на Општина Центар, пак нема да воведе вакви мерки иако со поголем дел од паркинзите низ центарот на градот стопанисуваат тие. Директорот Васко Кичевски вели дека наскоро ќе излезат со други мерки во борбата со загадувањето.

    „Сметаме дека оваа мерка не е начин да се реши проблемот со енормното загадување. Ние како претпријатие подготвуваме други мерки, кои наскоро ќе ги соопштиме на јавноста“, вели Кичевски.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира