ЗГРАДАТА СО 17 КАТА КОЈА ТРЕБА ДА СЕ ГРАДИ КАЈ БОЛНИЦАТА „8 СЕПТЕМВРИ“ НЕ ГИ ИСПОЛНУВА УСЛОВИТЕ ЗА ЛЕГАЛНА ГРАДЕЖНА ДОЗВОЛА, НО ОПШТИНА КАРПОШ ПРОДОЛЖУВА СО ПРОЦЕДУРИТЕ

    ЗГРАДАТА СО 17 КАТА КОЈА ТРЕБА ДА СЕ ГРАДИ КАЈ БОЛНИЦАТА „8 СЕПТЕМВРИ“ НЕ ГИ ИСПОЛНУВА УСЛОВИТЕ ЗА ЛЕГАЛНА ГРАДЕЖНА ДОЗВОЛА, НО ОПШТИНА КАРПОШ ПРОДОЛЖУВА СО ПРОЦЕДУРИТЕОваа парцела се наоѓа во заштитено подрачје на споменикот Воена болница и затоа секој објект што ќе се гради во овој дел треба да биде со габарит и катност која нема да ги наруши визурите на споменикот. (Фото: Извадок од урбанистичкиот проект за изгледот на новата зграда)

    Зградата на 17 ката која треба да се гради во скопски Карпош, на просторот меѓу поликлиниката „Букурешт“ и  Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ зад приватната болница „Жан Митрев“, нема комплетна документација за да може да добие услови за градба со тој габарит, а потоа и легална градежна дозвола.

    Според пријавата што ја добивме на алатката Пријави корупција на САКАМДАКАЖАМ.МК, толку голема зграда не ги исполнува потребните услови и не добила позитивно конзерваторско мислење. Со тоа, Општина Карпош не смее да издаде градежна дозвола, а ако издаде тоа ќе биде спротивно на закон. САКАМДАКАЖАМ.МК независно ги верификуваше информациите од пријавата.

    Оваа парцела се наоѓа во заштитено подрачје на зградата-споменик Воена болница, сегашната ГОБ „8 Септември“, која има статус на споменик на архитектонско наследство од времето на брутализмот и е заштитен објект како културно наследство.

    За овој објект Општината не смееела ни да издададе услови за градба за зграда од 17 ката на парцела во непосредна близина на болнички блок (две болници), поликлиника и седиштето на Брзата помош за цело Скопје. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Инвеститори на парцелата 6.1 за изградба на спорната зграда се „ЗСФ КОМ ДООЕЛ“ и  Друштвото за градежништво, трговија и услуги „Делта 2015 Констракшн ДООЕЛ“. Иако сопственикот на парцелата, еден од инвеститорите – „Делта 2015 Констракшн ДООЕЛ“ – не добил позитивно конзерваторско одобрение кое требало да биде приложено со документите во Општина Карпош, градоначалникот Стевчо Јакимовски месецов го одобрил урбанистичкиот проект, по што следи пресметка на комуналии и добивање на дозвола за градба.

    За овој објект Општината не смееела ни да издададе услови за градба за зграда од 17 ката. Прво, затоа што архитектонскиот проект предвидува 419 станови плус два спрата дуќани, што подразбира и околу 2.000 нови жители, но и повеќе од 1.000 нови возила, не само од жителите, туку и од вработените и посетители на дуќаните, во непосредна близина на болнички блок (две болници), поликлиника и седиштето на Брзата помош за цело Скопје. И второ, според правилата за заштита на спомениците,  околу ГОБ „8 Септември“ не смее да има објекти кои со својата висина и габарит би го попречувале погледот кон зградата што се води како споменик на културата Воена болница.

    Според Законот за заштита на културно наследство, за да може да се гради каков било објект и да се добие градежна дозвола за овој дел, урбанистичкиот проект треба да го одобри Конзерваторскиот центар.  Општината може да го потпише проекот и да даде градежна дозвола дури откако ќе биде одобрен од Конзерваторскиот центар.

    Деталениот урбанистички план (ДУП) за Градска четврт 3 05 е донесен во 2013, во претходниот мандат на градоначалникот Јакимовски. Во него на две катастарски парцели е вцртана една градежна парцела со број 6.1, на која е предвиден објект со намена А2 – домување во станбени згради, со приземје, 26 ката и поткровје и висина од 88 метри.

    Имајќи ги предвид специјалнте услови од урбанистичкиот план, зграда со толку голем габарит не смеела ни да биде предвидена. Но, и покрај тоа, нашите извори велат дека  службите во Општина Карпош непречено ја водат процедурата за издавање градежна дозвола.

    А. АНТЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира