ЖЕНАТА КОЈА ПАДНА ОД ЗГРАДА ВО ОХРИД БИЛА ТУРНАТА, ПОДНЕСЕНА КРИВИЧНА ПРИЈАВА ЗА ОБИД ЗА УБИСТВО

    ЖЕНАТА КОЈА ПАДНА ОД ЗГРАДА ВО ОХРИД БИЛА ТУРНАТА, ПОДНЕСЕНА КРИВИЧНА ПРИЈАВА ЗА ОБИД ЗА УБИСТВОЖената се здобила си тешки телесни повреди, искршени ребра, а како последица на тоа и воздух во градната шуплина. (Фото: СДК.МК)

    За инцидентот кој се случи пред три дена во Охрид кога жена се здоби со тешки повреди при пад од трет кат од станбена зграда, СВР Охрид поднесе кривична пријава против 32-годишниот А.Д. од Охрид. Кривичната пријава е за постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „убиство во обид“ како и против 21-годишниот Е.М. од Охрид, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „помагање“.

    „На 8 март 2024 година околу 11.30 часот првопријавениот во стан на улицата Карпош Војвода во Охрид, сопственост на второпријавениот, по претходна расправија ја турнал 39-годишната М.О. од Скопје од терасата. Таа била пренесена во болницата „Св. Еразмо“ во Охрид каде и биле констатирани тешки телесни повреди. Второпријавениот Е.М., кој бил присутен, не го спречил сторителот во извршувањето на кривичното дело“, велат од СВР Охрид.

    Според првичните информации жената била во врска со еден од станарите. Очевидец на настанот кој сакаше да остане анонимен, кажа дека слушнал кавга и расправија, а потоа телото на жената било на земја, но неофицијално жената при распитот кажала дека сама паднала.

    Поради тешките повреди веднаш била пренесена в болница. Од болницата „Св. Еразмо“ кажаа дека биле констатирани тешки телесни повреди, искршени ребра, а како последица на тоа и воздух во градната шуплина па жената била веднаш препратена на Хируршкото одделение во Општата болница во Охрид.

    Социјалната зграда има околу 70-тина станови и е позната по расфрланиот отпад, а тука често има нарушување на јавниот ред и мир и кражби од несовесни станари кои им го отежнуваат животот на останатите станари во зградата и на околното население. Станарите се жалат дека зградата е упропастена и никој не води сметка за нивната безбедност.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира