ЖИТЕЛИТЕ НА НОВИОТ ДЕЛ ОД ВЕЛЕС ЧЕСТО БЕЗ ВОДА И СО РАСКОПАНИ УЛИЦИ

    ЖИТЕЛИТЕ НА НОВИОТ ДЕЛ ОД ВЕЛЕС ЧЕСТО БЕЗ ВОДА И СО РАСКОПАНИ УЛИЦИУтврдени се повеќе неправилности при изведбата на новата водоводна мрежа

    Со месеци наназад, жителите од повеќе велешки улици реагираа на честите прекини во водоснабдувањето, но и на раскопаните улици и на тоа што никако да заврши реконструкцијата на водоводната мрежа. Ова се однесува на новиот дел на Велес, каде што живеат повеќе илјада граѓани.

    „Без најави, со часови немавме вода. И тоа континуирано, лете, зима. Не може да се одржува хигиената, машина за перење да се пушти, да се готви. Моравме да имаме постојано залихи вода. Повеќе од една година е ваква состојбата“, велат жителите од новиот дел на градот.

    Дефектите се случуваа често и на подолг временски период. По реакциите на јавноста, новиот в. д. директор на ЈКП „Дервен“, Ѓоре Стојанов, одговори каде бил проблемот. Ги имало повеќе и сите се поврзани со реконструкцијата на водоводните линии на овие улици.

    „За квалитетот на новите водоводни линии ЈКП ‘Дервен‘ не може да гарантира, затоа што се набавени и изработени од изведувач, ангажиран од Министерството за транспорт и врски. Тука се и приклучните линии до домовите на кои се случуваа дефектите, а се поставени од изведувачот. Додека тој вршел реконструкција, ЈКП ‘Дервен‘, истовремено, не работел на изведба на приклучоците за домаќинствата, па дури откако линиите биле изведени и затрупани, почнало да се работи на нив. Ова подразбира дека повторно се раскопувале улиците. Поради неорганизираното работење, често била пуштана и запирана водата во старите водоводни линии, кои се азбест-цементни и тоа доведувало до дефектите. Недоработените приклучоци придонесле во функција во исто време да бидат и старите и новите водоводни линии“, изјави Стојанов.

    Тој најавува дека во наредниот период овој проблем ќе се разреши, но притоа ќе има повторно раскопување на улици и прекини во водоснабдувањето.

    „Сѐ уште има домаќинства што не се поврзани на новите линии, односно не биле претходно испланирани и тие се наоѓаат на различни улици во реонот. Поради нивно приклучување, во наредниот период ќе има прекини во водоснабдувањето и ЈКП ‘Дервен‘ ќе мора повторно да ги раскопува улиците“, порача Стојанов.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира