ЖИТЕЛИТЕ НА ШТИПСКО КАДРИФАКОВО ДОБИВААТ АВТОПАТ, НО ПОРАДИ ГРЕШКА НА ПЛАНЕРИТЕ МОЖЕ ДА ОСТАНАТ БЕЗ ВОДА, ШТАЛИ И ДВОРОВИ

    ЖИТЕЛИТЕ НА ШТИПСКО КАДРИФАКОВО ДОБИВААТ АВТОПАТ, НО ПОРАДИ ГРЕШКА НА ПЛАНЕРИТЕ МОЖЕ ДА ОСТАНАТ БЕЗ ВОДА, ШТАЛИ И ДВОРОВИЖителите на Кадрифаково на денешниот протест најавија дека ќе престанат да ги обработуваат нивите, а мотиките, косите, трмките пчели и тракторите ќе ги остават на автопатот ако не им се реши проблемот. (Фото: СДК.МК)

    Штипското село Кадрифаково е на прагот да остане без вода за пиење, а на повеќемина жители да им се срушат шталите, и да им се уништат дворовите. Грешката што била направена со надвозникот како приклучок за соседното село Ерџелија сега се коригира со нова локална траса која ќе опфаќа улици од селото Кадрифаково каде минува главниот цевковод со кој селото се снабдува со вода за пиење. Ако не им се реши проблемот како што треба, жителите од ова село ќе престанат да ги обработуваат нивните и во знак на револт мотиките, косите, трмките со пчели и тракторите ќе ги остават на автопатот.

    Жители на Кадрифаково денеска излегоа на мал протестен марш и велат дека ќе се бунтуваат затоа што досега никој не посветил внимание на нивните реакции и проблеми. На нивните барања се оглушил и градоначалникот на Свети Николе Сашо Велковски каде територијално припаѓа селото Кадрифаково. Нему му биле пратени десетина писма со барања, а тој на ниту едно не одговорил, ниту отишол во селото да разговара со жителите.

    „Пративме писма и до Владата, до премиерот и до Агенцијата за државни патишта, но од никого нема повратен одговор, ниту пак некој дошол да не посети и да разговара, а можеби секојдневно минуваат покрај селото. Ги информиравме дека неодамна во селото имаше дефект на водоводната мрежа, па после два месеци на немање вода дефектот едвај беше отстранет затоа што врз водоводната мрежа бил изграден асфалтен пат. Сега ако се постави уште еден слој асфалт и има сообраќајни елементи, надвозници, бетонски столбови и слично нема теорија некогаш да отстраниме таков дефект ако пак се случи. Башка што грешката на планерите сакаат да ја исправат со патна мрежа која ќе опфаќа трла, штали, дворови и цели куќи“, вели Запро Пандазиев кој живее во Штип, но по пензионирањето пред десетина години станал пчелар во селото Кадрифаково каде неговите родители заедно со него се преселиле по бегалската криза во Грција и тој таму го поминал детството.

    Прва на удар била и куќата на претседателот на месната заедница на Кадрификово, Љупчо Арсенов, кој кога го посетивме бил на работа во еден од производствените капацитети во селото кои исто така имаат проблем со приодот за дотур и слично. Единствено било добро што покрај автопатот била поставена висока стаклена ограда која значително ја намалува бучавата од илјадниците возила кои деноноќно минуваат по новиот автопат.

    „Дојдоа некои луѓе, поставуваа колчиња покрај дворот на нашата семејна куќа, одбележуваа нешто и во дворот без да ни објаснат за што се работи. Само рекоа дека покрај куќата ќе има потпорен ѕид, а како ние ќе излегуваме и влегуваме дома, не знаеме. Не можеме на никого да ги кажеме нашите маки“ вели Славица Арсенова, сопруга на претседателот на месната заедница.

    Таа е загрижена и за децата кои не можат да поминат преку автопатот, а надвозникот како што сметаат можеби нема да биде изграден уште неколку години.

    75-петгодишната сточарка Нада Костадинова и другите соселани кои имаат овци секое утро со синовите и внуците со страв ги тераат стадата крави и овци на испаша на пасиштата кои се наоѓаат од другата страна на автопатот. Приквечер ги пречекуваат и пак го стопираат сообраќајот, а има многу возила кои возат пребрзо на оваа делница. Костадинова само прокоментира ако не се најде решение за премин за стоката ќе бидат принудени да се откажат од сточарството.

    Истото го вели и пчеларот Гоце Стојанов кој има нива за обработување преку автопатот, а неговиот сосед Русе Филипов брат на неодамна починатиот адвокат Стамен Филипов познат по срушените закони најавува ангажирање на адвокати кои соработувале со неговиот брат правно да ги тераат работите за нарушувањето на нивните човекови и животни права.

    За 50 куќи и 200 жители на Кадрифаково кои редовно или викендашки живеат или стопанисуваат со фабрики во селото, водоводот им значи повеќе од живот. Долги години жителите од ова село немале вода за пиење. Со крајни напори и здружени сили пред десетина години успеале да изградат водовод, водата со пумпи да ја донесат над селото и оттаму сите жители и стопански објекти да се снабдуваат со квалитетна вода за пиење и за производство. Категорично велат дека нема да дозволат пак да останат без вода или селото да биде прекопано, а нивните штали и куќи срушени.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира