ЖИТЕЛИТЕ НА СТАРО КОЊАРЕВО, СТРУМИЧКО ГИ БЛОКИРАА БАГЕРИТЕ НА „МАКЕДОНСКИ ШУМИ“ ДА НЕ ПРАВАТ ПАТ ЗА ШУМСКА СЕЧА НАД СЕЛОТО

    ЖИТЕЛИТЕ НА СТАРО КОЊАРЕВО, СТРУМИЧКО ГИ БЛОКИРАА БАГЕРИТЕ НА „МАКЕДОНСКИ ШУМИ“ ДА НЕ ПРАВАТ ПАТ ЗА ШУМСКА СЕЧА НАД СЕЛОТОЖителите излегоа со трактори и ги спречија багерите да одат кон месноста Дебел Бук каде треба да се работи. (Фото: СДК.МК)

    Жителите од подбеласичкото населено место Старо Коњарево во Општина Ново Село го спречија обидот на струмичкото шумско стопанство над нивното село да пробива шумски пат за сеча и транспорт на огревно дрво. Излегоа со трактори и ги спречија багерите да се упатат кон месноста Дебел Бук каде треба да се работи. Селаните велат дека со влегување на механизација над селото им се загрозува безбедноста, бидејќи патот што планира да го прави ЈП „Македонски шуми“ е на ерозивно место кај изворите за селскиот водовод. Тие денеска излегоа на протест и побараа надлежните да прекинат со оваа идеја.

    „Шумата над селото е наше богатство и нè штити од надојдени атмосферски води. Со соголувањето на тој предел постои опасност од појава на свлечишта директно врз нашите куќи. Паралелно, последниве денови водата во селскиот водовод е матна бидејќи се работи во непосредна близина на водоводот. Сега мора вода да купуваме од селската продавница. Лани ветија дека ќе се најде алтернативно решение за овој проблем но очигледно е дека не се откажале“, кажаа жителите од ова населено место кои се собраа сред село, но и на локалитетот Топлико каде се изворите на водоводот.

    Од подружницата на „Македонски шуми“ во Струмица велат дека над Старо Коњарево се врши сеча според одобрениот план и не постои гола сеча и уништување на шумскиот фонд. За реализација на нивните плански активности мора да се прават и шумски патишта како што се прават по целата планина Беласица. Според нив, со нивните активности нема да биде загрозена безбедноста на жителите од ова погранично место.

    Ова не е првпат да реагираат жителите од Старо Коњарево. Лани во јануари исто така организираа протести поради што мораа да интервенираат од Општина Ново Село и пратеници од власта кои заедно со тогашното раководство на „Македонски шуми“ се согласија да се прекине со пробивање на шумски пат над нивното село. Тогаш се договорија да се најде друго решение за сеча на високостеблеста шума на тој предел од планината Беласица.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира