ЗИПЛАЈНОТ ОД КАЛЕ ДО ГРАДСКИ ПАРК ТРЕБА ДА БИДЕ ГОТОВ ЛЕТОВО

    ЗИПЛАЈНОТ ОД КАЛЕ ДО ГРАДСКИ ПАРК ТРЕБА ДА БИДЕ ГОТОВ ЛЕТОВОЦелта на овој проект како што велат од Град Скопје е да им овозможи на граѓаните спортско-рекреативна содржина како и да овозможи развој на алтернативниот туризам преку кој ќе се стимулира развојот на туристичката понуда. (Фото: К. Попов)

    Зиплајнот кој ќе се спушта од тврдината Кале до Градски парк ќе почне да се поставува пролетва и ќе биде пуштен во употреба во текот на летото. На последната седница на Советот на Град Скопје која се одржа минатиот четврток беше усвоена одлуката за дефинирање на локацијата за поставување на адреналинската жичница. Почетната станица ќе биде под Музејот на современа уметност, ќе оди преку реката Вардар и ќе завршува на кејот на реката Вардар во близина на арената „Филип Втори“.

    „По завршувањето на проектната фаза ќе се изработи елаборат за поставување на урбана опрема за спортско-рекреативни активности, согласно кој ќе се постави зиплајнот. Целта на овој проект е да им овозможи на граѓаните на Скопје спортско-рекреативна содржина како и да овозможи развој на алтернативниот туризам преку кој ќе се стимулира развојот на туристичката понуда. Особено внимание при изборот на локацијата е посветен и на изборот на местоположбата, односно помеѓу останатото се предвидува со овој проект да се поврзат скопското Кале и Старата скопска чаршија како културно-историски амбиенти со музејот на Современа уметност и градскиот парк“, вели градоначалникот Петре Шилегов.

    Адреналинската жичница, според проектот ќе биде во должина од 400 метри, ќе биде опремена со соодветна безбедносна опрема и систем за кочење со кој ќе се регулира брзината на движењето. Ќе чини околу 50.000 евра, а со него ќе стопанисува ЈСП „Скопје“

    Покрај зиплајнот летово Град Скопје ќе работи и на заживување на тврдината Кале, која сега според Шилегов е запуштена и речиси да нема посетители. Градот во соработка со Управата за заштита на културното наследство ќе прави проект за уредување, ревитализација и одржување на Кале. Какви содржини ќе има на Кале односно дали ќе има кафулиња сè уште не се знае. Градоначалникот Петре Шилегов најави дека ќе биде распишан јавен конкурс за избор на решение со кое тврдината ќе стане атрактивно место за посетители.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира