Градоначалникот Саша Богдановиќ тврди дека сечата на дрвјата на улицата Орце Николов е оправдана односно дека друго решение немало бидејќи биле стари и болни. Според него, подобро е да се исечат дрвјата отколку при поголемо невреме некој граѓанин да настрада.
Богдановиќ на презентацијата на проектот во февруари 2019 година изјави „во проектирањето на улицата водено е сметка за сите дрвја, да не се отстрани ниту едно, а меѓу нив да се организира паркирањето“. На прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК како тогаш не беше најавено дека ќе се сечат дрвја и како сега тие се болни, Богдановиќ рече дека состојбата ја увиделе кога ја раскопале улицата.
„При најавата рековме дека нема да фали ниту едно дрво, но кога ќе го раскопате асфалтот се гледа состојбата. Уште денеска луѓе се на терен за да се заменат оние што беа исечени. Повторно ќе има дрворед“, вели Богдановиќ.
Вчера на улицата која се реконстурира беа исечени осум, а на цела траса до крстосницата со Орце Николов вкупно ќе се исечат 13 дрвја.
„Јас знам дека луѓето реагираат при сеча. На оваа улица има 171 дрво, при градежните работи е утврдено дека 13 се стари, болни, исушени и без корења. Такви претставуваат опасност за движењето на граѓаните и не дај боже некој може да настрада. Кога имате таква ситуација подобро е да ги отстраните. Ние не сечеме дрвја за да градиме објекти туку ќе засадиме нови “, рече градоначалникот Богдановиќ.
А. АНТЕВСКА