За Европското првенство во фудбал се разговарало и на самитот на НАТО во Варшава, посебно за полуфиналниот натпревар помеѓу домаќинот Франција и светскиот шампион Германија.
„Да, разговаравме за тоа. Мислам дека многу од шефовите на државите и на владите го гледаа натпреварот помеѓу Франција и Германија“, откри францускиот претседател Франсоа Оланд и ја пофали германската канцеларка Ангела Меркел, велејќи дека немало вербална фудбалска војна.
„Госпоѓа Меркел беше многу елегантна со начинот на кој го искоментира натпреварот“, кажа Оланд.
Потоа беше прашан од новинарите за прогноза за утрешното финале помеѓу Франција и Португалија.
„Не е мое да давам предвидувања, но мислам дека победа ќе влијае позитивно на моралот на нацијата. Јас не сум ни играч, ни тренер, јас немам никаква врска со успехот на француската репрезентација“, одговори францускиот претседател.
Франција ќе игра во утрешното финале во Париз по победата од 2:0 над Германија во четвртокот. Претходно, Португалија со истиот резултат славеше против Велс.