Италијанскиот амбасадор во Македонија Ернесто Белели порачува дека изборните измами ќе се гонат, а во интерес на судиите е да судат професионално и независно, и покрај одлуката на Уставниот суд за измени на Законот за помилување. Во изјава за САКАМДАКАЖАМ.МК, Белели вели дека претседателот добил проширени овластувања, но изборните измами и натаму остануваат кривично дело и се предмет на гонење.
“Она што најмногу ги изненади медиумите и меѓународната заедница дефинитивно е моментот на носење на одлуката. Како и да е, и во други земји претседателот има право да помилува, но поважно е како ќе ја употреби таа моќ. Го почитувам објаснувањето кое го даде претседателот Иванов дека одговорно ќе го користи ова овластување”, изјави Белели.
Тој нагласува дека специјалната обвинителка е назначена за да се справи со специјална ситуација во специјален момент, а во интерес на судиите е да постапуваат независно и професионално во постоечките судови.
“Македонија може да се потпре на добро подготвени и професионални судии и во нивен интерес е да постапуваат на независен и професионален начин. Ќе ви го посочам примерот на мојата земја, во која судиите стекнаа голема важност и моќ, благодарение на нивните ставови независни од Парламентот и од Владата”, смета Белели.
Тој додава дека амбасадорите на Европската унија ја следат теренската проверка на спорани гласачи и оти е многу важно Државната изборна комисија да објави најнови информации за ситуацијата во наредните денови.
“Важно е Државната изборна комисија да ги извршува обврските на професионален начин и без мешање од надвор, со цел да се подготви веродостоен избирачки список”, изјави Белели за САКАМДАКАЖАМ.МК