Од Државната изборна комисија (ДИК) вечерва соопштија дека теренските проверки во сите подрачни одделенија на Државната изборна комисија се во завршна фаза, но не кажаа дали теренската проверка на спорните записи во избирачкиот список ќе продолжи и во наредните денови. Соопштија дека се прават напори сите податоци да бидат на време внесени и соодветно обработени.
Вечерва треба да заврши теренската проверка на 87.362 спорни записи на гласачи во избирачкиот список. Вчера од ДИК изјавија дека е можно членовите да донесат одлука за пречекорување на рокот за уште два-три дена, но денеска таква одлука не е донесена. Од таму јавија дека теренските проверки на Избирачкиот список се спроведуваат во согласност со определената динамика и дека над 550 анкетари во сите 80 општини на територијата на Република Македонија, почнувајќи од 28 март непрекинато работат во периодот од 8:30 до 19:00 часот.
„Државната изборна комисија во моментов е фокусирана на внес и обработка на податоците од анкетните прашалници во единствената електронска апликација“, стои во вечерашново соопштение.
По завршувањето на теренските проверки на овие 87.362 спорни записи, резултатите ќе се систематизираат и ќе се прави нивна дополнителна административна проверкa.
По разни основи со вкрстување на податоците од 10 бази на државните институции, во избирачкиот список се појавија речиси 300.000 спорни записи на гласачи. Државната изборна комисија одлучи за речиси 90.000 записи да направи теренски проверки, а другите записи се проверуваат административно.