Неформалните пазарења околу бројката колку гласачи треба да подлежат на теренска проверка продолжуваат и доцна вечерва, иако седницата на Државната изборна комисија беше прекината. Откако не успеаја да го усвојат извештајот од вкрстените анализи, членовите на ДИК сега стасале до бројката од околу 135.000 спорни гласачи што би требало да се проверат на терен.
Официјално објаснување кое им беше дадено на новинарите е дека на членовите на ДИК им е потребно време за дополнителни консултации.
Доцна попладне, порталот Либертас објави дека СДСМ не ја исклучува можноста да ги повлече своите членови во Државната изборна комисија затоа што не ја прифаќа понудата од владејачката коалиција за, како што велат пазарење, односно проверка на само 70 до 80 илјади сомнителни гласачи.
Лидерот на СДСМ Зоран Заев претходно изјави дека од 495.000 сомнителни гласачи колку што покажала вкрстената анализа, со теренски контроли треба да бидат опфатени околу 200.000 гласови.
Последната понуда на членовите на ДИК од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ во пазарењето сега била да не биде ни по едни, ни по други, туку на теренска проверка да одат 135.000 гласови. СДСМ инсистирала дека треба да се проверат 200.000 гласови и дека бројки се бројки, и дека не може да се дискутира дали некои гласачи се помалку спорни, или повеќе спорни, туку само дали се спорни, или не се спорни.