Починатите лица во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани се на возраст од 14 до 25 години, од Скопје, Штип, Кочани, Пробиштип, кажа денеска директорката на Болницата во Кочани, д-р Кристина Серафимовска. Кај нив се хоспитализирани 20 пациенти од 18 до 23 години.
Директорката кажа дека првиот повик дека има пожар го добиле во 2:48, за 30 минути се екипирала цела болница. Стигнале 70 пациенти, биле со изгореници и со труења од јаглерод моноксид.
„Носеа починати лица, но имаше и што починаа на прием. Бидејќи немаме доволно возила, се јавив кај сите болници во Источна Македонија, а почнаа и да пристигаат возила за Брза помош од Скопје и Велес. Се транспортираа потешко повредените до Штип и во Скопје“, кажа д-р Серафимовска.
Според првичните информации, како што кажа во Кочани министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, пожарот избил поради пиротехнички средства кои се користеле за светлосен ефект на концертот на групата ДНК. Пожарот избувнал на концертот на кој присуствувале околу 1.500 луѓе, по што настанало стампедо за излез.
Владимир Блажев-Панчо од групата ДНК има изгореници на лицето и на раката и е на кислородна поддршка по пожарот.
Во пожарот се повредени 118 лица, а се лекуваат во болниците во Кочани и Штип и на Клиниката за пластична хирургија, на Клиниката за анестезија КАРИЛ, на Детска клиника интензивна нега, на Клиниката за неврохирургија, во Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ во Скопје и на Клиниката за хируршки болести „Наум Охридски“, изјави министерот за здравство Арбен Таравари. Тој рече дека засега има доволно резерви на крв, но кажа дека ќе информира ако има потреба од крвни деривати.
Црвениот крст соопшти дека достави и помош во болницата во Кочани со ќебиња, постелнина и инвалидски колички. Возилата на Црвениот крст од програмата за санитетски транспорт се ставени во функција на институциите на системот.
Отворени се наменски телефонски линии за прва психолошка помош на броевите 071/338-081 во Кочани, 074/203-030 во Штип и 072/271-048 во Скопје кои ќе бидат во функција 24/7.
- ИСТРАГАТА ЗА ТРАГЕДИЈАТА ВО КОЧАНСКАТА ДИСКОТЕКА Е ПОЧНАТА ОД 5 ОБВИНИТЕЛИ СО ПРИВЕДУВАЊЕ ЛИЦА
- БРАТ МИ ИМА ИЗГОРЕНИЦИ НА ЛИЦЕТО И НА РАКАТА И Е НА КИСЛОРОДНА ПОДДРШКА, ВЕЛИ СЕСТРАТА НА ВЛАДИМИР БЛАЖЕВ-ПАНЧО ОД „ДНК“ ПО ПОЖАРОТ ВО КОЧАНИ
Т. ЈОВАНОВСКИ