Превојот Стража на патот Скопје-Охрид е затрупан со ѓубре. Огромна депонија стои до патот и од ден на ден се повеќе сè трупа бидејќи никој не ја чисти. Кучиња скитници го развлекуваат ѓубрето наоколу, а поради топлото време се шири и непријатна миризба.
Депонијата е толку голема што буквално патниците немаат каде да застанат. Додека редакцијата на САКАМДАКАЖАМ.МК беше на Стража, возило се удри во оградата со која е заградена депонијата и ѓубре почна да паѓа врз колата.
Околу главната депонија има и неколку помали депонии.
И покрај ваквата ужасна слика од патот кон Охрид, на никого од власта не му текнува да ја исчисти депонијата и да ја одржува Стража сред туристичка сезона. На Јавното претпријатие за државни патишта, ЈП „Македонија пат“ и Општина Маврово и Ростуше не им пречи што превојот, кој секојдневно го минуваат стотици домашни и странски туристи, е затрупан во ѓубре. Сите тие со години меѓусебно си ја префрлаат одговорноста во чија надлежност е чистењето на ѓубрето на Стража.
Градоначалникот на Општина Маврово и Ростуше Медат Куртовски не одговараше на нашите повици ниту смс пораки зошто редовно не се чисти Стража и зошто се дозволува да се создаваат огромни депонии.
А.АНТЕВСКА