АГЕНТОТ НЕ МОЖЕ ДА ТЕ НАПРАВИ ЅВЕЗДА, НО МОЖЕ ДА ТЕ ЗАШТИТИ КАКО УМЕТНИК, ВЕЛИ ЛОРАН ГРЕГОАР, ИНСПИРАЦИЈА ЗА ХИТ СЕРИЈАТА „ЈАВИ МУ СЕ НА МОЈОТ АГЕНТ“

    АГЕНТОТ НЕ МОЖЕ ДА ТЕ НАПРАВИ ЅВЕЗДА, НО МОЖЕ ДА ТЕ ЗАШТИТИ КАКО УМЕТНИК, ВЕЛИ ЛОРАН ГРЕГОАР, ИНСПИРАЦИЈА ЗА ХИТ СЕРИЈАТА „ЈАВИ МУ СЕ НА МОЈОТ АГЕНТ“Лоран Грегоар на мастеркласот на филмскиот фестивал во Солун. (Фото: ТИФФ)

    (Од Солун: Марина КОСТОВА)

    Агентот не може да те направи ѕвезда, но може да те заштити како уметник, рече прочуениот агент за таленти Лоран Грегоар, кој е инспирација за француската хит серија „Јави му се на мојот агент“, на мастеркласот на филмскиот фестивал во Солун. Грегоар, со 35-годишна кариера, е коосновач на големата агенција „Адекват“ која застапува над 800 актери, сценаристи и режисери од Франција и Европа. Негова клиентка веќе 30 години е и оскаровката Марион Котијар, за која тој рече дека се „скоро како животни партнери, но без секс“.

    На речиси двочасовниот мастерклас на кој тој зборуваше скоро без прекин, Грегоар откри основни нешта за професијата агент за таленти, која во Франција е и законски регулирана, исто како и големината на хонорарот – 10 отсто од хонорарот на актерот, сценаристот или режисерот што го застапува (затоа и оригиналниот француски наслов на серијата е „Десет проценти“). Значи, агентот може да земе и повеќе од 10 отсто, но не смее да земе помалку. Тој кажа и дека генерално во Европа, особено таму каде што филмската индустрија не е многу голема, агентите ги сметаат за „паразити кои ја цицаат крвта на уметниците“, а во Белгија се дури и со закон забранети. Но агентот има три главни задачи: промоција на имиџот на уметникот, земајќи го предвид неговиот личен сезибилитет за да може да добива најсоодветни улоги, потоа менаџмент на договорите и реализација на тие договори.

    „Ние сме на страната на уметникот, развиваме блиски односи. Кога уметникот ќе го напушти агентот, тоа е некако депресивно. Со Марион Котијар, на пример, заедно сме 30 години. Стануваме многу блиски и некои луѓе се исцрпуваат од таквата интимна врска после некое време. Тоа е пријателство, но во кое има финансиски аспекти. Лично, не можам да работам со актери на кои не им се восхитувам, без разлика колку се талентирани или познати. Исто така, одбивам да работам со актери кои не сум ги гледал како глумат и настапуваат“, рече Грегоар и додаде дека ги советува младите актери кариерата да ја почнат в театар оти таму се пече занаетот, а и бесценет е тој директен контакт со публиката.

    Тој рече дека глумата е многу тешка професија и дека актерите често имаат потреба од заштита, но и од внимателност при изборот на улогите и затоа агентот е добар сојузник на тоа тешко патување. Раскажа дека режисерот Оливие Дахан и продуцентите со кои го пакувал филмот за славната пејачка Едит Пјаф бил многи разочаран од средбата со Одри Тоту, која во тоа време се прослави со улогата во „Амели Пулан“, и дека тој искористил прилика да ја предложи Марион Котијар која тогаш беше млада и непозната актерка.

    „На средбата режисерот и продуцентот ѝ раскажале на Одри Тоту дека сакаат да прават филм за Пјаф, а таа само се насмеала и рекла ‘Ама кој ќе го гледа тоа?’. Обајцата беа многу рзочарани од нејзиниот став и ја исклучија од изборот. Потоа јас им ја предложив Марион Котијар, тие се колебаа оти беше почетник, но таа на состанокот отиде со фризура како Пјаф, па и рефренот од песната ‘Не, не жалам за ништо’ го испеала и беа воодушевени. Филмот беше хит, а Марион освои и Оскар“, рече Грегоар.

    Тој кажа дека порано во Франција застапувал само француски актери, но сега целата професија стана меѓународна, па и Франција се отвори за актери од светот.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира