АКТЕРИТЕ ОД СТРУМИЦА ОД УТРЕ НА ПРОТЕСТ ОТИ МИНИСТЕРСТВОТО НЕ МОЖЕ ДА ГО ПОНИШТИ ИЗБОРОТ НА ФИСКУЛТУРЕЦ ЗА ДИРЕКТОР НА ДОМОТ НА КУЛТУРАТА

    АКТЕРИТЕ ОД СТРУМИЦА ОД УТРЕ НА ПРОТЕСТ ОТИ МИНИСТЕРСТВОТО НЕ МОЖЕ ДА ГО ПОНИШТИ ИЗБОРОТ НА ФИСКУЛТУРЕЦ ЗА ДИРЕКТОР НА ДОМОТ НА КУЛТУРАТААктерите енеска со спортски медалји на градите излегоа пред Центарот за култура со транспаренти „Фис Култура Сега?“. (Фото: СДК.МК)

    Актерите од струмичкиот театар од утре излегуваат на протести, а правдата ќе ја бараат и по институционални патишта, откако Министерството за култура не одговори на нивното барање да се поништи изборот на директор во Националната установа центар за култура „Антон Панов“. Тие денеска со спортски медалји на градите излегоа пред Центарот за култура со транспаренти „Фис Култура Сега?“, прашувајќи дали со културна институција треба да раководи фискултурец. Тие протестите ќе ги почнат од Струмица, а веќе в четврток ќе се преселат и пред Министерството за култура во Скопје, каде очекуваат поддршка и од другите културни уметници од државата.

    На распишаниот конкурс за директор беше избран Васил Бубев, професор по физичка култура и актуелен директор на градинката „Детска радост“ во Струмица, a одбиени беа магистер по културен менаџмент и актерка со речиси 30-годишно искуство. Од Министерството за култура кажаа дека одбиените кандидати немале целосна документација според конкурсните барања.

    „Согласно Законот за пристап до јавни информации, ја добивме комплетната документација од кандидатурата од избраниот кандидат и преку наш правен тим ќе ја рзгледеме за да ја водиме битката по правен пат, а нашето наезадоволство ќе го изразиме со протести како во Струмица така и пред ресорното министерство во Скопје“, кажа Ванчо Василев од името на струмичките актери.

    Тие не попуштиле од барањата и на средбата со националниот координатор за култура при Владата Роберт Алаѓозовски, со кого имале средба цели два часа.

    Од Министерството за култура, кое побара рок до вчера за да се најде најдоброто можно решение, одговорија дека според постоечкиот Закон за култура, не постои правен основ за поништување на јавниот оглас. Од таму велат дека новоизбраниот директор понудил можност вработените да предложат уметнички раководители во „Антон Панов“.

    „Министерката за култура Ирена Стефоска имаше разговори со претставници на Струмичкиот театар и со новоизбраниот директор. Барајќи излез, директорот укажа дека во неговата Програма за работа акцентот го става на подобрување на уловите за работа, а не на мешање во работата на ансамблот. Подготвен е на предлог на вработените, да назначи тројца уметнички раководители за трите дејности во Центарот за култура, кои ќе бидат надлежни за уметничките аспекти“, кажаа од Министерството.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира