Доајенот на македонската актерска уметност Јовица Михајловски првиот добитник на на наградата за трајни вредности во филмот на новиот филмски фестивал во Кичево. Првото издание на Кичево филм фестивал ќе се одржи од 10-12 јули на отворено на Китино Кале, а организаторите велат дека е со амбиција да го позиционира градот како нова културна и филмска дестинација во регионот. Награда за трајни вредности ќе добие и прочуената српска актерка Тања Бошковиќ.
Признанието на Михајловски му се доделува за повеќедеценискиот придонес во македонската кинематографија, зад кој стојат повеќе од четири децении актерска кариера, десетици филмски и телевизиски улоги и значајни остварувања, меѓу кои „Викенд на мртовци“, „Тетовирање“, „Самоуништување“, „До Балчак“, „Панкот не е мртов“, „Скопје ремикс“, „Бушава азбука“, „Соба со пијано“, „Превртено“ и други.
Фестивалот свечено ќе биде отворен со специјална проекција на култниот филм „Самоуништување“ од Ербил Алтанај по сценарио на Сашко Насев, по повод 30 години од неговата премиера. Филмот е првиот игран филм во македонската кинематографија реализиран со приватни средства. Во него Михајловски ја толкува легендарната улога на Куплунг, а е и еден од продуцентите. По проекцијата ќе му биде врачена наградата за трајни вредности.
Организаторите најавуваат современ, урбан и динамичен концепт што ќе ги обедини филмската уметност, музиката, едукацијата и современите аудиовизуелни содржини.
„Програмата е конципирана како шестдневно фестивалско доживување и вклучува два дена со настани пред официјалното отворање, три главни фестивалски денови и завршен фестивалски ден посветен на музичка програма и активности за вмрежување“, велат организаторите.
Во програмата се вклучени домашни, регионални, европски авторски филмови, разговори со режисери, актери и филмски професионалци, мастерклас-сесии со реномирани гости од регионот и Европа, како и работилници наменети за млади автори. Дел од фестивалската програма ќе биде посветен и на изложба на фотографии од кичевски автори.
Фестивалот ќе има кино на отворено, мултимедијални перформанси и вечерна музичка програма. Во текот на целиот фестивал диџеј-артисти ќе настапуваат во зоната „Синема бар“ и на фестивалскиот простор, а организаторите велат дека е културен импулс што треба да придонесе за развој на локалната културна сцена, афирмација на филмската уметност и отворање на Кичево кон нови креативни и регионални соработки.
С. ВРЕНЦОВСКА



