Дафина од Просеник, Парашкева Сирлешчова, Депа Каваева, Ѓурѓа Котева, Божана Трпанова, Арса Стрезова, Цвета Мазнеова, Дафа Цепенкова, Илинка Везенковска и Митра Ристова се македонски народни пејачки, кои се дел од книгата „Жени во македонскиот фолклор од 19. век“ од Славчо Ковилоски. Книгата ја издаде Институтот за македонска литература, а претставува продолжение на претходните книги „Жени во македонската книжевност од 19.век“ и „Македонското женско творештво од 19. век“, со кои Ковилоски ги афирмира непознатите женски имиња во македонските култура, книжевност, образование, револуционерни борби и фолклор.
Во интервјуто за САКАМДАКАЖАМ.МК, Ковилоски зборува за жените, интерпретаторки и авторки на народни песни, за нивното значење во македонскиот фолклор, за жените биле носители на традицијата и на јазичното богатство на македонскиот народ.
- Во книгата пишувате за 160 жени кои интерпретирале народни умотворби. Како дојдовте до овој број и колку од овие жени досега биле целосно непознати или недоволно истражени во македонската наука?
Во македонската наука најчесто се споменуваат неколку имиња кои најчесто се споменуваат како пропратни соучесници во тогашните настани или пак, се обрнувало внимание на одредени поетолошки аспекти на нивните испеани песни. Во овој случај, авторот повеќе настапуваше како книжевен историчар, отколку како фолклорист, бидејќи целта беше да се даде преглед на општествените и културни прилики кои владееле во Македонија во 19. век. Значи, се работи за процес на повеќегодишни истражувања. Оттаму, и самиот пристап кон материјата беше да се дојде до што повеќе биографски податоци за пејачките, односно да се пронајдат што поголем број вакви пејачки за што потребно беше да се пронајдат и да се идентификуваат изворите. Бројката од 160 пејачки е целосно исполнета со податоци за тоа каде и кога се запишани нивните песни, кој ги запишал, каде се објавени и дали се останати во ракопис, понатаму нивната возраст и сите останати податоци што можевме да ги најдеме, а кои во суштина даваат основни информации врз кои во иднина ќе може да се продолжат истражувањата. Тоа се песни кои се наоѓаат во зборниците на Марко Цепенков, Кузман Шапкарев, браќата Миладиновци, Панајот Ѓиноски, Антон Поп Стоилов, Наум Тахов, Васил Икономов, материјали во периодиката од Петар А. Чачаров, Тодор Гавазов, Димитар Матов, И. Цонев, Тодор Г. Ецов, С. Златаров, Иван А. Шандаров, Ѓошо Бојаџиев, С. Д. Божев, Арсени Костенцев, Александар Конев, Ст. Д. Божев и др. Станува збор за еден огромен резервоар на народно творештво.
- Посветувате посебно внимание и на Сирма војвода. Што откривте за нејзиниот живот и како се создавала легендата за неа?
Oдделно поглавје е посветено и на познатата Сирма војвода, опејана во многу песни. Направив реконструкција на нејзиниот живот врз база на историски извори, но посветив и внимание начинот на кој се ширела легендата за неа. Интересно е што нема зачувана фотографија од неа, па така она што може да се најде на интернет е уметнички продукт или во уште полош случај, дали намерно или од незнаење со името на Сирма се предадени фотографии од други жени, па на таков начин во извесна смисла на зборот се прави и фалсификат на нејзиниот физички опис. Ќе повторам, не постои фотографија од Сирма војвода.
- Кога зборувате за жените не само како интерпретаторки, туку и како авторки на народни песни, кои се најубедливите конкретни примери што покажуваат дека одредена песна или нејзини делови се дело на конкретна жена?
Своевремено, запишувачот на народни песни од Мариово, Воислав Д. Радовановиќ, запишал дека некој од пејачите му рекол оти постојат „песнопојци“ и „песнаџии“. Песнопојци биле оние што само пееле туѓи народни песни, а песнаџии биле оние што создавале свои песни и ги пееле како народни. Тоа се оние надарени песнопојци, кои се во состојба и самите „да издумат некоја песна“.
Факт е дека жените биле носители на традицијата и на јазичното богатство на македонскиот народ и во голема мера придонеле за зачувување на јазичните карактеристики на одреден регион. Сепак стилот на пејачот или пејачката зависел од нејзините интерпретаторски можности. Експресивноста во изразите, постојаните епитети, разубавувањето и освежувањето на звучноста, сето тоа се карактеристики што се универзални за сите добри интерпретатори. Нивните значења ги сфаќаме како комплекс поврзани релации, со цел да се претстават: случки, односи, историски настани, што како модели формираат свои низи. Менувањето на една песна не се случувало само кога ја интерпретирале различни пејачи, туку и кога еден ист пејач, во релативно кратка дистанца, повторно ќе ја испеел истата песна. Од различни причини, ги заборавале, го приспособувале на пригодата, ги украсувале и слично. Во зависност од неговата умешност, песната повеќе или помалку станувала позната и популарна.
- Може ли да наведете повеќе такви примери?
Постојат повеќе примери кои преку компаративни согледби или поради некои други кратки записи можеме со сигурност да потврдиме дека се создадени од некои пејачки. Таков е примерот со песната „Ашик ви сум, вашик ви сум“ од Дафа Цепенкова. Дека станува збор за лично дело на Дафа, потврдува самиот запишувач на песната, крушевчанецот Наум Тахов кој запишал: „оваа песна е на старата баба Дафа“, запишал тој. Во неа пејачката ја воспева личотијата на Дафа, која поради „шекер“ очите, грлото и лицето, младото момче сака да ја украде „од кај мајка ти,/ од кај татко ти“. Тука Дафа го употребувала ефектот на огледалност, која сопствената слика на убава и ведра жена, ја пренела и во песните. Во друг случај, момата Дафина од Просеник на запишувачот Стефан Верковиќ му испеала една песна во три варијанти. Откако ја испеала песната, по неколку дена го повикала повторно Верковиќ со изговор, народски речено: „чекај, ми текна, сега ќе ја испејам истата песна уште еднаш, ама овојпат уште поубаво“. Тоа значи дека таа во меѓувреме смислувала, менувала и додавала за да ја разубави испејаната песна. Постојат повеќе вакви примери кои ни покажуваат и ни го потврдуваат авторството овие жени во однос на испеаните песни.
- Во книгата се издвојуваат десет народни пејачки. Која од нив, според вашето истражување, има најзначаен или најинтересен придонес и зошто?
Сите се значајни на свој посебен начин. Еве, најчестата причина да биде споменувана Депа Каваева била нејзината љубовна наклонетост кон Григор Прличев (Каваева подоцна се замонашила и го зела името Касијана), па нејзиното име станало легендарно во годините што доаѓале, а и денес се пеат песни и се пишуваат романи за неа. Понатаму, Дафа Цепенкова е позната пејачка, сестра на Марко Цепенков, надалеку прочуена по нејзината невообичаена убавина. Вакви примери со интересни моменти од животите на овие жени има многу. Тоа ни покажува дека тагувале и се радувале, дека живееле во согласност со тогашните услови, но и дека располагале со навистина големи интелектуални капацитети. Треба само да се прочитаат некои од испеаните песни за да се сфати нивниот богат и раскошен лирски свет. Затоа, не за сите, но за обработените пејачки може да се зборува и како за поетеси во вистинска смисла на зборот.
- Можете ли да посочите конкретна песна или пример?
Еве неколку примери што се однесуваат на нивната поетика, односно на корпусот песни што го пееле. Микрокосмосот на старата баба Парашкева Сирлешчова изобилувал со ритуали и суеверија. Тоа може да се заклучи од недовршените песни за змејовите и самовилите, а особено од разните искажани прокоби што претскажувале несреќи, односно смрт. Понатаму, на сметка на големите заплети и можностите што народната поезија ги нудела преку големиот број варијанти на еден мотив, интерпретациите на Цвета Мазнеова се лесни, певливи, организирани во такт, со креативна инспирација што произлегувала од моментот.
Особено интересна ми беше младата мома Митра Ристова од проста причина што уште од мала возраст учела јуначки песни од својата 96-годишна баба Векла. Таа е една од ретките македонски пејачки за кои се карактеристични долгите пеења, односно песни во кои се содржани голем број стихови. Како пример ќе ги наведеме песните: „Дете Малианче“ што има 609 стиха, „Женидбата на Милош јунак“ со 323 стиха и „Женидбата на младо Црногорче“ со 216 стиха. Уште кога ја испеала песна „Дете Малианче, предизвикала внимание бидејќи претставувала „чуден спој од поетски и приказнични мотиви“.
Притоа, на стручната јавност песната им изгледала како да е составена од неколку други, бидејќи во неа се испреплетувале историски подробности што изгледале „како да се земени од некои летописи“. А знаете ли што значи тоа да се памтат повеќе од шестотини стихови, притоа песната да има свој тек, свој ритам, односно три различни теми да бидат вклопени и да функционираат како едно? Овој ум, оваа брилијантност на учење, создавање, паметење и интерпретирање е редок бисер и во светскиот фолклор.
И уште нешто. Помалку познат факт е дека во Македонија пристигнале само мал број примероци од првото издание на Зборникот на народни песни на браќата Димитрија и Константин Миладиновци. Главна улога во популаризација на нивното дело имала сопругата на Димитрија Миладинов, Митра, којашто се и подготвила второ издание од него кое широко се распространило. Значи, и таа има голем удел во зачувување на ова фолклорно богатство.
- Што ни кажуваат песните на овие жени за нивниот секојдневен живот, љубовта, семејството, страдањата и општествената положба на жената во 19.век?
Го кажуваат животот каков што бил, исполнет со љубови, среќа и тага, страдања и надежи. Историските и книжевните извори, како и самите песни укажуваат на трпеливоста на жената и на патријархалните сфаќања. Тие ја нагласуваат улогата на жената во домот и мајчината љубов, пеат за мажи-ајдути и војводи, како и за жени-ајдути и војводи итн. Доколку пееле, пак за лошиот однос на мажот кон жената, нагласувале: „ако биеш жената си, ќе си биеш главата си“. И покрај обработката на мотивите на идентичен начин, сепак, на жените им се припишува особена дарба при исполнувањето на песни во кои доминираат чувствата, како на пример, љубовните песни и обредните песни за женски водици, за лазарица и друго. Сите тие, всушност, биле врвни музичарки кои го чувствувале пулсот на народниот мелос. Тие се мајстори на ритамот, посветенички на љубовта и храброста, чуварки на обредите, тивки и ненаметливи музи. Затоа, тие претставуваат мост меѓу минатото и иднината, мост меѓу стариот свет што исчезнува и оној што доаѓа, мост меѓу меѓу усната и писмената култура, меѓу народот и интелектуалците. Нивната поетика којашто е богата, разновидна и креативна, сведочи за високиот естетски сензибилитет што ги поседувале Македонците од ова време. Нивното значење, културно, научно, родово, идентитетско, ги прави вечни чуварки на македонскиот дух. Всушност, преку нив можеме да заклучиме дека и во затворените патријархални заедници можеле да виреат поетски души. А ние денес, благодарение на нив, можеме да ги слушнеме нивните гласови – гласови кои одѕвонуваат низ вековите.
- Дали во текот на истражувањето наидовте на случаи во кои песна создадена од жена подоцна била припишана на „народот“ и целосно го изгубила својот авторски потпис?
Скоро сите песни испејани или создадени од овие жени денес им се припишани на народот и опстојуваат како народни песни. За фолклорните творби е карактеристично што тие секогаш се затскриени под превезот на анонимноста. И токму тоа беше целна на едно вакво издание: да, навистина постојат пејачки што само интерпретираат веќе постоечки песни, но исто така постојат и оние кои пресоздаваат и создаваат нови варијанти на песните или пак, оние со најразвиено поетско чувство создавале оригинални творби. Знаете, некој морал да го создаде сето тоа големо и богато фолклорно наследство. Песните не се создаваат самите. Нашата цел беше да им оддадеме признание на оние народни поетеи за кои со сигурност можевме да го потврдиме нивниот интерпретативен и поетски ангажман. На таоков начин, со обелоденување на нивните биографии, односно имиња, тие престануваат да бидат анонимни. Нив им даваме лик и глас, тие престануваат да постојат во безгласноста.
Б. НЕСТОРОСКА






