„Агонија на срцето“, „Софа“ и „Песна над песните“ се трите балетски парчиња , кои под заеднички наслов „Балетски триптих“ в среда (18 октомври) во 20 часот премиерно ќе се изведат во Македонската опера и балет (МОБ). За првите две дела , кореографијата ја работеше светски познатиот кореограф Ицак Галили (Израел), на музика на Филип Глас и на Том Вејтс.
Третото парче е обновена претстава, во кореографија на Сташа Зуровац (Хрватска) на музика на македонскиот композитор Марјан Неќак. „Песна над песните“ беше премиерно изведена во МОБ во 2012 година, и оттогаш не е играна.
Во двата дела на Галили играат солистите првенци на МОБ, како Мими Поп Алексова- Атанасовска, Марија Кичевска-Шокаровска, Ивана Коцевска, Саша Евтимова, Бобан Ковачевски, Игор Веланоски. Во „Песна над песните“ главните улоги ги играат примабалерината Александра Мијалкова и првенецот на Балетот, Васил Чичијашвили (Грузија).
Уметничката директорка на Балетот Олга Панго денеска рече дека сите три парчиња се различни и не се поврзани меѓу себе.
Галили пак, јавно му се извини на Зуровац дека не му го погледнал делото и призна оти прв пат ќе го види в среда. Галили, кој ѝ е познат на македонската публика по гостувањата на „Танц фест“, говореше дека во претставите особено важен му е дизајнот на светло.
„Како што секоја жена не излегува од дома без шминка, така и за мене претставата не е готова додека не го дефинирам светлото. На светлото во претставата гледајте како на шминката на жената“, рече Галили.
Репризата на „Балетски триптих“ е на 24 октомври.
Б. НЕСТОРОСКА